Saturday, December 4, 2010 | By: Писарко


Нема да трујам со клише муабети како ајде сега сите да се сакаме, да се заљубиме, пеперутки и слични инсекти, ни девизата една љубов еден живот. Нема ни да зборувам за моралот, за варањата за прељубите, за игрите, за искористувањето ништо од тоа не би рекла. Не би  ги напаѓала сите оние кои математички сакале некого ниту пак би рекла дека тоа не треба така. Не би рекла од проста причина што во се тоа не верувам.

Има еден парадокс поврзан со љубовта. Не знам дали е баш еден но, еве на него ми текна прво. Парадоксот е во тоа што кога ја немаме силно посакуваме да ја имаме, а кога ја имаме тогаш правиме се за да ја изгубиме. Ако не направиме да ја изгубиме тогаш сигурно ќе избегаме, од страв да ја имаме или пак од страв да се соочиме со нашите недостатоции, сеедно.

Парадоксот на нашето денешно живеење е многу поедноставно од тоа. Се состои во големата доза осаменост и големата потреба да бидеме со луѓе, со кои се осеќаме наполно сами. Можеш да се справиш со осаменоста наполно сам но, не можеш да ја поднесеш во друштво, во нечија  прегратка. На сето ова ако се додаде големата желба да сакаме и да бидеме сфатени тогаш ќе се дојде до некој бизарен заклучок дека денешниов човек има се освен срце. И не е далеку од вистината. Помалку или повеќе станавме сите духовни проститутки. Продаваме се што е наше за нешта кои никогаш не би го имале ниту пак сакаме вистински да го имаме. Правиме работи кои моментално задоволуваат некоја ниска страст, комплекс или фрустрација по цена на нешто што се вика јас.

Тука би ги ставила и сите оние парови, и ликови кои ќе се пронајдат во описот. Сите оние кои плукаа на тоа како некој е со некого, како навидум диското го продаде за филмот и чашата водка ја замени со вечера, за сите оние кои плукаа на она кое очајно го посакувале и сите оние кои станаа такви. И нема ништо лошо во тоа, никој никого не предал ни продал туку секој го направил својот избор и го прави она што сака. Лошо е кога ќе заборавиш да бидеш со луѓето на кои им требаш бидејќи на крајот никој не прашува зошто туку секој ги гледа последиците. Се до овој момент можеш и диското да го направиш дома, и вечерата да биде со коктели. Истите оние кои некогаш суделе на некого денес сфатиле дека чекаат да бидат водени од партнерот зошто без него немаат и што да прават. Оние кои одеднаш почнаа да ги сакаат сите оние фамилијарни средби и мирни излегувања во парови. Дали е тоа дека ние од секогаш сме го сакале или го сакаме зошто некој ни го наметнал? Одеднаш ги засакуваме сите работи кои тој/таа ги сака, нешто како просветлување во 3минути-за Бога милога што би рекла една другарка. Едно е да е нешто природно твое,  а друго е нешто вештачки да го направиш свој терен. Ако е така лесно тоа имплементирање на нова симпатија во себе тогаш оние кои се постојано со различни луѓе би требало да бидат општа калакурница.

Би ги вброила тука и оние среќно исфоткани фаци кои секогаш завршуваат во трет кревет, оние кои по секоја цена се со некого гордо удирајќи се во гради како умеат многу да сакаат. Оние кои заборавиле каде тргнале пред да ја сретнат личноста на која и ја поклониле смислата за живеење и оние кои не можеле да го почитуваат тоа. Не би имал шмек целиот овој ред реченици ако не се спомнат оние кои не прекинато си ја одземаат енеријата и ги празнат своите денови. Без нив не би можело да се покаже колку (тие) љубовта е слепа.

Единствено нешто што денес ти се сервира е игра играна повеќе пати, крајно досадна и провидна. Победник е оној кој ќе успее што повеќе да се направи на будала и оној кој ќе успее ништо да не осети. 1-0 за лагата. Ако секој од нас игра, двајца однични играчи би се разминале само зошто не знаат како би се почувствувале со правата љубов. Затоа има смислени постапки и пресметки како да се дојде на полесен начин и како што поскоро да се напушти теренот зошто времето го прави своето.

Целата машинерија која денес се нарекува начин на живот не влече во својата закрила правејќи од нас прарализирирани клонови. И каде е тука таа љубов или како и да ја викаат.

Некој кажал дека љубовта не умира. Ако е тоа така тогаш сакам да прашам што е со сите оние бивши љубови, пропаднати бракови, прекинати другарства, презир кон себе. Што е тоа што умрело пред да умре љубовта или пак што е она што ја убива во етапи?

Како е можно денес секој втор се жали на својот не дефиниран статус и никој да не е доволно добар за неговиот вкус. Сосема невозможно. Не поради тие личности туку поради нас самите што некаде по патот сме огрубиле и сме научиле да градиме ѕидини. Повредите и разочарувањата, или искуството  не научиле да ставиме кочници уште пред да тргнеме. Некаде по пат годините не научиле дека ударите не болат кога се игнорираат и најлесниот начин да се забораваат луѓето кои сме ги изгубиле е тоа да ги најдеме во други или да ги измислиме во нив.

Кога прашав еден другар како е можно да биде со толку девојки и како на таа желба да има една девојка, да ја сака не може да најде, ми одговори нешто што повеќето серво-фраери не можат да признаат.

-Не знам дали можам да бидам со една девојка зошто ми е страв од тоа колку можам да ја сакам, страв ми  е од тоа да осетам дека ме боли...пак.

Подобро вака. А како е тоа вака го прашувам. Одговорот останува меѓу нас но не и тоа дека сеуште се сеќава на љубовта која некогаш ја имал, енергијата која ја почувствувал со некоја девојка. Не го заборава никој она што некогаш го направило човек а тоа е да почувствува нешто доволно големо во себе што ќе го промени во подобра личност, затоа и понатаму го бараме истото. Љубовта не повредила никого, нашите очекувања од другите луѓе не повредуваат. Мислиме дека ако некого сакаме треба да го модифицираме во онаква личност каква што ние сакаме да биде. Мислиме дека имаме право да улетаме во нечиј живот и да воведеме ред. Ништо од тоа не функционира ако тоа го наметнете а  не е желба на другиот да промени нешто во себе. Во овие релации се се сведува на компромис и прифаќање, можеш да се носиш со човекот и ситуацијата или не можеш. Се е толку едноставно што мора да искомплицираме.Зошто да биде просто ако може сложено.

Но не е секогаш така лесно. Патот е пеколен ако треба да заминеш од место каде што сакаш да останеш но повеќе не можеш да прифатиш. Повеќе не можеш да се бориш и едноставно само мора да заминеш. Секој што го изодел тој пат знае дека љубовта не е секогаш црно-бела и не е се сведено на тоа дали некого сакаме или не сакаме. Има нешто што е посилно од се и нешто кое повредува. Но, пак се  сведува на истото. На тоа дека не повредува другиот човек а не чувствата за него.


Можеш да заминеш повистински од некој од тоа да останеш со него во некакви приказни. Вистината не е во кажаните зборови и претпоставките. Вистината не е меѓу двајца, таа секогаш е некаде над нив.

Ако се земат во предвид сите наши барикади, единсвтвениот доказ дека нешто вреди е борбата да се срушат. Ако позади сите наши маски некој успее да ја види нашата права личност истиот тој направил да можеме да ја покажеме.Меѓу толку луѓе ако само на едно место се чувствувате наполно свои и слободни тогаш сигурно љубовта не е мртва.

Она што умира е нашата волја да останеме, желбата некого да разбереме и способноста да сакаме.

0 comments:

Post a Comment