Tuesday, December 7, 2010 | By: Писарко


Некој нека го пушти филмот за паѓањето на Берлинскиот ѕид уште еднаш зошто некој не го видел она што треба. Во годините од минатиот век кога се пишуваше новата историја на светот се потпиша народот како автор, а не политичарите и власта. Оние кои го рушеа Берлинскиот ѕид не беа платени работници, ниту пак партиски војници, беа обичните луѓе кои беа презаситени од она што им беше наметнато. Ѕидот кој им го загради животот го срушија со своите глета и чекани и го урнаа симболично комунистичкиот систем и со тоа нивната тортура заврши. Како домино ефект почнаа да паѓаат владите во останатите држави и почна едно ново бреме. Суштината на она што сакам да го кажам лежи во нивното мото кое гласи-" Wir Sind Die Volk " („Ние сме народот”!)
Македонија го нема овој ѕид во вистинска смисла но, има еден куп други за кои Кинескиот ѕид е мал. Па, не со глета по ѕид туку со чекан по глава треба да се акнеме по еднаш. Кај нас партиски неопределен значи-ја кријам книшката под перница. Обоени се медиумите од весници до телевизии, невладините организации, спортските клубови, институциите, дури и црквата. Во секоја пора на општеството била навлезена политиката и власта. А каде е тоа навлезена и кој е навлезен?

Прашајте просечен македонец што мисли за политичарите без разлика на која политичка гарнитура припаѓа ќе ви каже дека тоа се крадци и дека нема надеж за оваа држава, се отишло надоле. А кога било нагоре па сега е надоле дали некој знае да каже?
Оправдани се изјавите на нашиот народ, само не е оправдан нивниот начин на интерпретација на нештата. Мислам дека Македонија е единствена земја во светот каде што секој функционер може јавно да излезе на телевизија и да каже дека краделе во својот мандат и тоа да помине неказнето. Колку што знам на други места ги фаќаат за врат во најмала рака кога ќе се појават на улица, завршуваат на суд, во затвор некои и платија со својот живот. Кај нас иронијата да биде поголема тоа е сфатено како чин на искреност, кажал човекот како стојат работите. Работите не стојат никако реално кажано. Статистиката кажува дека секој трет човек во земјава е сиромашен. И вистина е. Не е Македонија само Скопје и да се залажуваме со некои квази-Менхетен улици. Најголемото достигнуање на младите кои доаѓаат од страна е пуштање корен во градов по секоја цена и сонот прекинува тука. Господата кои гласно говорат на митинзи се оние кои имаат одговорност пред овие генерации. Затоа срушете им ги овие безполезни соништа и овозможете им подобра иднина. Нека вашите деца прекинат да сонуваат за денот кога ќе ги спакуваат куферите и ќе одлетаат од тука. Поминуваш низ плоштад и по тебе трчаат магистри по молење, просење и плукање. Гледаш глад и вес кај нив и знаеш дека ќе продолжи тој нивни начин на живот уште еден век сигурно. Продолжуваш по патот и ако го игнорираш ѓубрето и спомениците за кои пола нација станаа архитекти и знаат дека постаментот не одговара за склуптурата, тогаш може и да успееш да го видиш сонцето над тебе. Но знаеш дека не можеш да го видиш на другата страна од Вардар зошто од некоја политичка причина таму не се осеќаш како дома.
Невидлив ѕид го дели Скопје.
И пак овој народ има проблем со суштината. Не може по магарето па ајде по самарот. Факт е дека оваа земја не произведува лидери туку произведува клонови. Ние сме створени да не водат, и тоа стриктно заудани и да гледаме во тоа што ни нудат да гледаме.
Има опции на избор, секогаш ги имало. Ако овие политичари не знаат што да ни прават повеќе тогаш да им кажеме дека постои криза на легетимитетот и нека се рушат зидините од лаги и малверзации изминатите две децении. Тогаш нека се случи она што ќе се случи и секој да ја понесе одговорноста. Додека не се развие свеста кај нас нема ништо. Маса еуфоричен народ го сруши тоталитарниот режим, а не двајца тројца. Тоа е само она што треба да се запамти, маса, толпа.
Но не можеме да бидеме илузионисти. Кај нас сеште има луѓе кои немаат вода во домовите, и одвај да можат да се информираат. Не може од овие луѓе да бараме да водат борба за некаква идеологија, но можат оние интелектуалците и отворените умови (ако ги има сеуште). Тие треба да ја воведат, обликуваат и применат промената. Не е само да бидеме критичари, а да немаме поим што говориме. Штета од глупости доволно претрпевме.


0 comments:

Post a Comment