Friday, May 13, 2011 | By: Писарко


Нештата во Македонија толку тешко се менуваат што берзата стагнира со години, на телевизиите сеуште одат истите реклами со мал прекин поради филм, фаци се сеуште ликовите како Џаро, и секако најголем настан е што ако не ИЗБОРИТЕ. Толку е актуелно што 3 години пред нив упорно се алудира дека ќе дојде денотот а кога ќе помине исто како и да не бил се до денот на новите избори. 
Наводно нешто се избира. По, дефиниција тоа би значело дека нешто избирате за да промените, а тоа кај нас значи од две зла го бирате подоброто. За да биде иронијата поголема баш се две. Ако подразмислам подобро боите и не ни се јака страна. Ние се обоивме одамна и поради тоа не може да го видиме виножитото.

Се купуваат дури и пејачи како да сте на Партиски идол, само што сите едногласно пеат една иста песна и нема гласање од публиката зошто очигледно сите се за вас. А знаете каков канаринец ќе платите така ќе ви пее, само не е до музиката туку до имиџот. Тоа и не толку страшно ако се земе во предвид дека кој пее зло не мисли. Кога ќе дојде време за избори е време за промени и тоа нагли ко Јапонија. За два дена да не знаете што ве снашло. Се будиш, гледаш ти ја раскопале улицата, се будиш и гледаш дека има фонтана, се будиш и сфаќаш дека ја нема улицата и ни ф од фонтаната зошто очигледно некој изгубил. Се разочаруваш за момент ама се надеваш на следните  ако не добиеш нови барем да ги вратат истите. За време на овие прекрасни денови сите се во трка за тоа кој што повеќе ќе направи, па заземаат различни места од градот и крајниот резултат е тоа што е. Збунета сум дали Гоце и Даме јавале под палми или Гемиџиите биле на одмор во Палма Де Мајорка?!? Како и да е убаво е да се види дека некој има различен вкус од мојот па сликата одлично ја разбира.
Има и позитивна страна  во изборите. Се будат политичарите и почнуваат на креативен начин да ги трошат своите мисли. На пример како да го осмислат спотот за кампањата, чив валкан веш да го извадат на виделина, кого да нападнат, како да нападнат, како да намамат гласови(дали милум дали силум, и тоа е за размислување секако) со што да замачкаат очи, со кого да се врзат во случај да изгубат. Тоа е напорно, многу е напорно, кутри  луѓе. Не им се погоди и  времето за одење по селава, за копање заедно со селаните, за слушањето на плачењето на бабите за сите оние работи кои реално постојат во Македонијава за кои они наводно работат сите овие години. Пушташ телевизија и го гледаш некој господин облечен во кежуал варијанта шета меѓу народот  наводно сака да покаже колку е тој природен, разбран, културен, дружељубив. И тука паѓаат ветувањата од типот ќе видите што ќе направам за вас нема да ве заборавам...Се гасат камерите доаѓа блиндирана кола и филмот завршува тука. А вие сте селанец од мало село па му верувате на паметот на овој човек. Мора да  е месија што од сите села дошол токму кај вас, и  ајде заокружувате нешто со надеж дека ќе се промени. И дај боже да се промени. Барем дел од ваквите села имаат водовод и струја, не е  секаде во светот 21 век тоа треба да се запамти.
Уште пострашен е фактот на јавната тајна за рекетот по телефон. Ви се јавува пријатен глас на телефон и ви кажува дека вие и вашата фамилја треба да гласате за тие и тие зошто ќе ви се случи тоа и тоа. Ја спуштате слушалката собирате роднините и одите во изборна единица. Просто и едноставно. Животот ви тече нормално и понатаму, сите се среќни и задоволни се до мигот додека не сфатите какво магаре прави некој од вас. Да ви зависи работното место од вашиот глас. И пред избори и по избори чистките се прават, тие работи едноставно така одат. Само што во мала држава тоа се чувствува многу повеќе од друго место.
Ако нешто ме плаши повеќе од панаѓуров е затруеноста на партиските војници. Желбата за вреѓање, напаѓање, шкртање по улици, ме чуди нивниот исперен мозок и недопирањето до нивниот слух освен гласот на лидерот. Идеологијата на која ги начиле ја цитираат и проповедаат без обид да погледнат лево и десно од неа. Може и затоа не ме чуди што најмногубројни посетители на спектакуларните митинг настани  им се магарињата евентуално тракторите.

И тогаш обичниот народ се засити од сите овие нешта, го затруја  преку весниците со различни натписи, го оптеретија преку телевизија, радио, билборди, реклами летачки нелетачки, доставени дома и како уште не.
И тогаш изборот се сведе на НЕгласање или на поништување на ливче.
Нека е со помин!