Friday, November 25, 2011 | By: Писарко



 Во нашето општество многу е лесно да го пратиш трендот. Едноставно го нема или кога го има еден е. Излегува преку ноќ, се крева фама и се форсира неколку месеци и после тоа веќе го нема. Оние паметните кои можат да заработат за овој краток период ќе имаат среќа а  другите следниот пат повеќе. Лани кога ја имаше првата  stand up comedy  карти можеше да се купат до последниот ден, оваа година карти немаше уште првиот ден. Од нигде никаде  како кокичиња никнаа комичари. Колку се смешни тоа е  веќе прашање на вкус. Важно е дека почнавме да  урламе од смеење, и додека трае трендов нека се појават што повеќе зошто за некое време народов ќе почне да плука. Али тоа ни е во крвта од крајност во крајност. Кога нема нема, ама кога има со лопати да ги ринеш.

Но, има само едно шоу кое трае до самиот крај, и едно единствено шоу кое никогаш не престанува да ве смее. Шоуто наречено STAND UP LIFE  или шоу од нога. Наречено е така зошто ви се случува додека сте на нозе, и како вие чекорите низ него така и тоа ви ги прикажува своите настапи. Оние кои не чекорат низ него или оние кои стојат во место никогаш не може да го изгледаат. Никогаш не може да замислат што се може да им понуди и што се може да добијат од него. За истите  нив оваа комедија е  досадна трагедија.
За други пак ова е премиера на една  претстава која сакаш  да ја премоташ но никогаш не успева. 
Карактеристично за неа е што закаснето го сфаќаш хуморот. Цел живот плавуши. Некогаш денови, недели, месеци во најлош случај години. Трагедијата се претвара во комедија и почнуваш да се смееш на своите солзи и нервози, своите патења и цмиздрења. Колку пати само моментот кога си мислел дека сијаш со својата убавина за некое време  бил моментот кога си се смеел прашувајќи се што си мислел кога си излегол од дома така?
И тоа е смешно. Тогаш се смееш за претходниот, па за тој момент се смееш во некој  следен и се така. И во тоа е убавината. Секогаш имаш нешто ново кое те смее, нешто кое те учи и нешто на кое вредноста во моментот не можеш да ја процениш вистински се додека не почнеш да трагаш низ следните сцени, оставајќи ги сите тие ликови и настани зад тебе. Убавината е во тоа што одбираш и со кого сакаш да ја следиш претставата. Од сите гледачи одбираш неколку чии приказни се поклопуваат со твојата, оние неколку кои радосно ја делат својата претстава со тебе. И така поминувате одредено време заедно, понекогаш некои од нив ја гледаат пребрзо па одат на следната или пак ја гледаат преспоро па не може да ве пратат. Има и такви кои се уморни  веќе при првиот чин а и вие не сте им доволни за да гледаат заедно со вас. Има и такви кои ги мешаат улогите, еднаш се глумци еднаш се гледачи.  И тука некаде се разделуваат патиштата.


Паузата е дел од претставата како и во секоја друга. Се случува со цел да се одморат глумците и да може да се спремат за она што следи. Така и во животот на секој човек доаѓа период каде треба да се направи пауза или момент кога останува сам. Обично тоа се ситуации кои даваат еден друг тек на настаните и каде светлата се гасат и завесата се спушта, се додека не сме спремни да ја гледаме следната со ново внимание и будност. Многу е важно во животот да го погодиш времето кога  ќе ја  направиш паузата. Прерано или прекасно ја губи смислата. Затоа времето е клучен момент. Единственото нешто кое го добиваш за себе а го расфрлаш по други.


Секој чин е своја приказна и секој лик има своја улога. И така од трагедија до комедија те делат години се до моментот додека не ја претвориш приказната во цртан филм. Се до моментот кога  како лего коцки ќе се поклопат  сликите кои се случиле за да те донесат таму од каде што ги гледаш. И тогаш ќе се насмееш за се што било. И за она што поминало и за она што си мислел ќе дојде. Многу од глумците нема да играат никаква улога и многу од публиката  одамна ќе биде замината. Оние кои ќе останат до тебе се оние кои  ja даваат смисла на целата претстава. Земете ги за рака и однесете ги дома.


Лошата  работа е во тоа што премиера се гледа само еднаш. Додека ја сфатиш поентата што сака да ти ја пренесе веќе поминала.



0 comments:

Post a Comment