Friday, November 25, 2011 | By: Писарко



 Во нашето општество многу е лесно да го пратиш трендот. Едноставно го нема или кога го има еден е. Излегува преку ноќ, се крева фама и се форсира неколку месеци и после тоа веќе го нема. Оние паметните кои можат да заработат за овој краток период ќе имаат среќа а  другите следниот пат повеќе. Лани кога ја имаше првата  stand up comedy  карти можеше да се купат до последниот ден, оваа година карти немаше уште првиот ден. Од нигде никаде  како кокичиња никнаа комичари. Колку се смешни тоа е  веќе прашање на вкус. Важно е дека почнавме да  урламе од смеење, и додека трае трендов нека се појават што повеќе зошто за некое време народов ќе почне да плука. Али тоа ни е во крвта од крајност во крајност. Кога нема нема, ама кога има со лопати да ги ринеш.

Но, има само едно шоу кое трае до самиот крај, и едно единствено шоу кое никогаш не престанува да ве смее. Шоуто наречено STAND UP LIFE  или шоу од нога. Наречено е така зошто ви се случува додека сте на нозе, и како вие чекорите низ него така и тоа ви ги прикажува своите настапи. Оние кои не чекорат низ него или оние кои стојат во место никогаш не може да го изгледаат. Никогаш не може да замислат што се може да им понуди и што се може да добијат од него. За истите  нив оваа комедија е  досадна трагедија.
За други пак ова е премиера на една  претстава која сакаш  да ја премоташ но никогаш не успева. 
Карактеристично за неа е што закаснето го сфаќаш хуморот. Цел живот плавуши. Некогаш денови, недели, месеци во најлош случај години. Трагедијата се претвара во комедија и почнуваш да се смееш на своите солзи и нервози, своите патења и цмиздрења. Колку пати само моментот кога си мислел дека сијаш со својата убавина за некое време  бил моментот кога си се смеел прашувајќи се што си мислел кога си излегол од дома така?
И тоа е смешно. Тогаш се смееш за претходниот, па за тој момент се смееш во некој  следен и се така. И во тоа е убавината. Секогаш имаш нешто ново кое те смее, нешто кое те учи и нешто на кое вредноста во моментот не можеш да ја процениш вистински се додека не почнеш да трагаш низ следните сцени, оставајќи ги сите тие ликови и настани зад тебе. Убавината е во тоа што одбираш и со кого сакаш да ја следиш претставата. Од сите гледачи одбираш неколку чии приказни се поклопуваат со твојата, оние неколку кои радосно ја делат својата претстава со тебе. И така поминувате одредено време заедно, понекогаш некои од нив ја гледаат пребрзо па одат на следната или пак ја гледаат преспоро па не може да ве пратат. Има и такви кои се уморни  веќе при првиот чин а и вие не сте им доволни за да гледаат заедно со вас. Има и такви кои ги мешаат улогите, еднаш се глумци еднаш се гледачи.  И тука некаде се разделуваат патиштата.


Паузата е дел од претставата како и во секоја друга. Се случува со цел да се одморат глумците и да може да се спремат за она што следи. Така и во животот на секој човек доаѓа период каде треба да се направи пауза или момент кога останува сам. Обично тоа се ситуации кои даваат еден друг тек на настаните и каде светлата се гасат и завесата се спушта, се додека не сме спремни да ја гледаме следната со ново внимание и будност. Многу е важно во животот да го погодиш времето кога  ќе ја  направиш паузата. Прерано или прекасно ја губи смислата. Затоа времето е клучен момент. Единственото нешто кое го добиваш за себе а го расфрлаш по други.


Секој чин е своја приказна и секој лик има своја улога. И така од трагедија до комедија те делат години се до моментот додека не ја претвориш приказната во цртан филм. Се до моментот кога  како лего коцки ќе се поклопат  сликите кои се случиле за да те донесат таму од каде што ги гледаш. И тогаш ќе се насмееш за се што било. И за она што поминало и за она што си мислел ќе дојде. Многу од глумците нема да играат никаква улога и многу од публиката  одамна ќе биде замината. Оние кои ќе останат до тебе се оние кои  ja даваат смисла на целата претстава. Земете ги за рака и однесете ги дома.


Лошата  работа е во тоа што премиера се гледа само еднаш. Додека ја сфатиш поентата што сака да ти ја пренесе веќе поминала.



Saturday, September 17, 2011 | By: Писарко


Во овие еуфорични две недели последната работа која сакав да ја направам е тоа да посветам текст за перачите на мозок наречени интелектуалци со начитани фасади и употреба на тешки зборови.
Не се трудам да ги преведувам нивните комплицирани реченици од проста причина што суштината на кажаното скоро никогаш не кореспондира(ете и јас имам такви зборови) со реалната ситуација.
За 20години во Македонија никогаш не ми се случило да одам по улица и да слушам луѓе како пеат македонски песни, да гледам луѓе со знамиња, мали деца да викаат МА-КЕ-ДО-НИ-ЈА со едвај наученото зборување. Не ми се случило да осетам дека владее една иста енергија во оваа држава. Дали  нас ни  се разви чувството за национална припадност? Дали некој памти некогаш да видел повеќе МАКЕДОНЦИ ВО МАКЕДОНИЈА? Јас не. Дали некогаш некој читал повеќе пофални критики од сега? Јас не.
Ако последниот текст беше за злобните коментари на одредени соседи и необјективни новинари(како и дел од нашите) кошаркарите помогнаа да им се затворат устите и да докажат дека овој народ има вредност.
Станаа сами по себе излишни коментарите кои ги ругаа нивните победи. Браво за синовите кои ја кренаа Европа на нозе! После оваа фама и еуфорија верувам дека повеќе нема да биде потребно да се објаснува која е таа држава Македонија. Верувам дека и спортот нема да биде ист како пред ова. Можеби е премногу оптимистично но барем за кариерата на овие 12 луѓе гарантирам дека веќе никогаш нема да  биде иста. И заслужија.
Тоа што ни го приредија овие неколку магионичари со Литванија ме остава без зборови. Ја тепавме Литванија на домашен терен пред 14 000 публика! Трикратниот европски првак и фаворит за злато. Таа радост и гордост која ни ја поклонија заслужува многу повеќе од парите(кои за другите држави се смешни) кои им се даваат. Заслужуваат да добијат пречек како што доликува и се надевам дека ние нема да ги разочараме.

Злобните усти не се затворија ни тогаш. Одеднаш сите се експерти за кошарка и кошаркарски правила. А сигурна сум дека никој од тие коментатори нема ни еднаш истрчано на терен ниту има срце да игра.
Нашата македонска репрезентација има смешна сума пари на располагање. Но тоа е нашата реалност и можност. Спортот заспа на сметка на политиката. И истите тие платени политички гниди се обидуваат да го исцрнат името на луѓето кои играат од желба и мотив да победат за овој народ. Не ми се веруваше дека постои таков набилдан  кадаркој се фати за парите кои им се дадени, како знак на внимание и благодарност. Треба да ви биде срам, зошто мене ми падна за вас!
Македонија никогаш не била по весниците ширум светот во престижни пофални колумни. И се е тоа за пофалба и гордост. И славењето треба да продолжи и целата радост, еуфорија. Хејтерите нека ги замолчат своите усти, зошто она што го ломотат нема тежина во споредба со она што ни го дадоа репрезентативците. И за Бога милога што би рекла другарка ми престанете да мешате политика во овие настани...едноставно оставете го народот да ужива во своите 5минути и така за некој ден се ова ќе престане и ќе ни ги полните главите со истите глупости.
Кога и во Грција се најде човек јавно да објави позитивен став кон нашата држава( Танасис Аспруљас:
Извинете, но во националната жалост за еден спортски подвиг немам намера да учествувам. Кога говорат потта, несебичноста, храброста и машкоста, нема место за политика. Антипатичен не ми е никој од 12-те момчиња, кои секоја вечер гинат за да направат уште еден нов подвиг“ ). Па, по што сте вие толку посебни за да може да судите  дека овој народ е паднат во делириум и не знае какви навивачки песни пее?
Што не се најдовте толку паметни па пред да се пее Излези момченасекаде, не најдовте време  да ја анализирате тематиката на песната, туку сега почнавте со некоја смешна пропаганда која сакате некој да ја прифати. Јас разбирам што сакате да кажете, дека редно е да  се откажеме од претензиите кон Солунското поле и старите ставови но во погрешно време и начин се обидувате да ве разберат. Ако толку ги цените вашите познавања тогаш јас да ви кажам дека немате никакво познавање од пулсот на улицата, и едноставно не можете да најдете зборови за она што на некој начин добронамерно сакате да го кажете. Дали била шовинистичка и неонацистичка еве на пример јас лично не се вреѓам што не вика:излези момче и девојче, смотано ми звучи. А искрено не ја ни сметам за неонацистичка  Гоцевата раса...јебига тоа ни е историја. Тој што ја пишувал Бог знае кога на тоа се сетил. Али текнувалава почнаа сега да коментираат од кога цела Европа не препознава по неа(не плукајте за да не се сети и некој друг паметен од страна па тек тогаш да биде големата). И не ми е гајле да ви кажам, кога знам какви се други позитивни работи има за коментирање. Ај за оваа песна можам и да разберам ама за  Едно име имаме “  не можам да разберам како на некој може да му смета. Ние стварно имаме едно име и не планирам компромис за него.
Изгледа никој не очекувал ова да ни се случува па некако слаби сме на тоа поле  со мотивирачки, навивачки песни со нови широки хоризонти(леле,само како тоа звучи). Еве овие текнувала наместо да се обидуваат да изгледаат на суштества кои размислуваат можеле едноставно да најдат друг начин да објаснат што сакаат да кажат и да речат:Поради ова и ова народе македонски не ја пејте повеќе оваа песна и за замена ви ја нудиме оваа”  толку. Ама не е толку зошто не знаат просто а Бога ми сложеното им е попросто.
Морав да напишам ваков текст во овие убави денови чисто колку да покажам дека не сме толку прости ако ги занемаруваме небитните работи за кои некои ги ставија во прв план. Слободно можат со истото да продолжат само од кога ќе прославиме убаво и ќе се изнапееме. Новата навивачка песна ќе излезе оваа сезона заедно со новата историја.
 И за крај неизбежно ми е да ја спомнам утакмицата со Шпанија. Македонија ја водеше Шпанија на полувреме!?! Покажaваме што значи игра со срце и мотив. Ако нашите момци се држеа така со големите НБА играчи и изгледаа еднакви тогаш слободно можам да кажам дека сме шампиони. Од никакви очекувања дојдовме тука каде што сме. Наваро се препоти за да не победат. Гасол искрено и не беше тоа што очекував ако се земе во предвид дека они играат со 12 големи играчи а ние реално играме со 6-7. Шпанија беше среќна што ја победи Македонија и тоа е знак колку далеку стигнавме. Конечно сме меѓу најдобрите...
 Браво за нашите херои кои испишаа нова историја!
Браво за вербата, желбата и мотивот и тогаш кога многу од нас не веруваа во нив!
Браво за истрајноста и фала за ова што ни го приредија!










Saturday, September 10, 2011 | By: Писарко


Чудни работи се случуваат во државата Македонија овие денови.
Она што не можеше да ни го даде политиката спортот успеа да го направи.
Имав чувство дека патриотизмот е заборавено нешто кај нас, имав чувство дека повеќето се срамиме да истакнеме знак на нашата национална припадност. Деновиве гледам многу Mакедонци во Македонија. Горди Mакедонци и верни поддржувачи на оваа земја. Ретко како никогаш, постои борбен и бодречки дух кај овој народ. Кошаркарите ни донесоа победи за кои со години сме биле потценувани и деградирани од страна на противниците. Ако некој не верува во мотивација и желба за успех треба да ги погледне овие играчи кои со срце играат за нашата држава.
После победата над јужниот сосед на нас не ни требаат преговори, издвоивме победа над земја која го негира нашето постоење. Браво за нашите дипломати во дрес!
После овие неочекувани успеси, на големо и широко се пишува за нас.
Повеќето соседи како по обичај се најдоа да хејтаат. Одеднаш Хрватска на ударни вести оди со директно јавување од Скопје само за да го пренесе наводниот кич. Ако е кич не го губете времето на него. Уживајте во вашиот. Уфирцаното новинарче слободно може да продолжи да се чуди за фонтаната. И ако уште е во недоумница од каде ни се парите од на мајка му ни се!
Наслови за очајната парада, нашите очајни славења, хејтање и критикување на се што овие денови им донесе радост на Mакедонците.
И да ни е кич наш си е, од каде ни се парите за него ич да не ви е гајле како што и ние за вашите внатрешни проблеми не употребуваме ни ред реченица бидејќи сме заглавени во сопствените. Али кој губи има право да се лути. Толку ме напнаа хрватските пренесувања за случувањата во Скопје, чисто имам да прашам па кој ги пушти тие текстови? Ниту еднаш отворено не биле нападнати од нас, ниту ние сме ги прашувале зошто не ги сакаат Србите и за нивниот никогаш повторно соживот, ниту за тоа зошто се караа со Словенците за границата. А они пишуваат ли пишуваат...ама слободно. Репрезентацијата им ги замолче устите...сега се дома.
Како ни беше одбележувањето такво ни беше. За едни лошо, за други добро, за трети непотребно за четврти најдобриот 8ми септемвти што го видела Македонија. Горе доле, се на се и беше добар. Прв ни е. Таков е секогаш... барем од нешто да се почне.
Иако сум критичар по природа и се трудам да ги гледам работите објективно нема да критикувам ништо што се случи вчера, од проста причина што моите забелешки се многу минимални во споредба со среќните лица на многу луѓе тој ден. Дали боите биле шарени и плоштадот бил кич тоа и не е битно кога ќе размислиш дека Македонците се разбудија од сонот кој  го го сонуваа 20години, за тоа кои сме и што сме. Не го направи тоа политиката ниту еден политичар тоа го направија кошаркарите со победите кои донесоа успех за македонската кошарка за прв пат во историјата. Македонија да биде на насловна страница на НБА.Без разлика што ќе се случува на понатамошните натпревари да не заборавиме на сетоа ова.
Мене искрено баш ме брига дали сум античка Македонка или со корен од словенските народи, знам дека сум Македонка на овдешната Македонија. Нека останат заглавени во објаснување на историјата луѓе кои сакаат да живеат во неа.
Јас гледам нова историја за нашиот спорт.
Напред Македонија!









Tuesday, August 16, 2011 | By: Писарко


Пишување од среќа не бива, или јас не знам да ја насочам. Како и да е ми фали македонски збор кој ќе ја опише сликата која сакам да ја доловам. Ама изгледа немаме или пак мене и тоа не ми текнува.
Кога би рекла досадни би била прегруба, да речам смирени би била лингур од тежок калибар. Ми треба некој трет кој би бил некаде помеѓу овие два. Во недостаток на тој збор и ”settled down” би ми завршил работа.
Текстов не е наменет за хејтање на долгите врски ниту пак наменет за да се јачаат single  луѓето за тоа колку се забавни. 
Поентата е во тоа што ретко на кои им успева балансот помеѓу овие работи.
Оние кои се во врска би ви се колнеле како се интересни и забавни, дека ја имаат целата слобода и дека воопшто не се љубоморни. Лажат!
Можеби имале среќа да налетаат на оние малку партнери кои би имале разбирање за урлачките нагони но, и кога имаат одврзани раце тие одбираат да си стават лисици. И тоа е поентата. Дека самите одлучуваме да бидеме досадни(пак не е тој зборот, читај друг).
Фала богу одамна умре времето на турско кога жените одбираа да бидат потчинети. За среќа на потенцијалните султани овој тип на девојки сеуште постои и за уште поголема среќа одвај чекаат да ги снајде тоа. Најстрашна група на девојки е она која во секој дечко го гледа потенцијалниот маж. Страшно е на неколку недели да ве замислува како нејзин сопруг и татко на нејзините деца. Ова е зона  на досада и со црвено прешкртана. Овој тип на девојки се во вечен страв дека не смеат да го изгубат својот дечко. Кога ќе размислиш со нивна глава(а фала богу не можам) тоа и не е само дечко тоа е татко на нивните НЕродени деца. Обично ги имаат имињата на децата, бројката, датумот на свадбата, гостите, поканите и се останато. Мене ми е страшно. Не дека не  посакувам  да ми се случи, туку едноставно не можам да ги планирам битните животни работи тек така. Едноставно сакам тие да се случат за мене, со човек со кој треба да се случат, на место каде треба да бидат, во време кога треба. Проклета романтика ќе ме убие.
Оваа група на луѓе лесно се распознава. Ја гледаш нивната кучешка послушност и нивната очигледна желба за блинг-блинг на нивната рака. Секогаш изгледаат прибрано, и секоја соблечена девојка им е к*рва, никогаш не пијат повеќе од што им е дозволено и ретко се опуштени. Си доаѓаат во прикладно време за комшиите и никогаш не сте слушнале лош муабет(или не сте побарале на вистинско место), и се што знаете е дека сакаат сериозна врска.
Она што мене ме интересира е дали се раѓаме со таков ген или некаков страв од осаменост, или потребата да бидеме сакани ни  наметнува, да бидеме со некој и кога тоа е по секоја цена.
Страшна е и групата на луѓе кои забораваат дека секоја врска е борба ако сакаш да задржиш некој до себе. Дека трудењето не прекинува во мигот кога ќе го добиеш човекот и ќе слушнеш дека те сакаат. Најчеста причина за прекинувањата се токму тие еднолични и затворени работи. Монотони нешта кои во години пресметани би биле ужасни. Девојките најчесто забораваат да ги заведат своите дечковци а тие пак стануваат интересни само за други девојки( да не речам  уште за нив се трудат да покажат дека се забавни). Едните стануваат   средновечни домаќинки кои се однесуваат така само за да добро би се омажиле, а овие вториве бараат Лунакревет секаде само не во својот. Најдобриот совет за една жена како треба да изгледа би бил следниот: госпоѓа на улица, домаќинка во кујна и к*рва во кревет. Кога е кажан од 80годишна жена сфаќаш дека е чиста вистина.

Луѓето во врска се себични. Забораваат скоро на сите, а ви плачат кога ќе останат сами. Најчесто направиле се за својот партнер а не направиле ништо за себе и за луѓето кои ги викаат пријатели.
И тоа е поентата на текстот. Искрено, воопшто и не ме интересираат туѓите љубовни драми и начин на функционирање. Она што сакам да го потенцирам дека не треба никој да заборави кој бил и каде тргнал пред да го запознае човекот со кој е. Нечива патека сигурно се поклопува со нашата. Нечиви соништа и желба сигурно наликуваат како нашите. Тоа не значи себично да се следи само својот нагон туку да се балансираат работите. Успешните и среќни луѓе се оние кои успеале во истото.
Двоен живот, еден со партнерот еден за сите останати ми е една од поглупите работи која ја гледам секој ден кај секој.
Поентата е во тоа да ти биде интересно и забавно секаде со кој и да си. Животот нуди многу за оние кои знаат да го живеат.

                             
                               
                                  
                       

                                   

Wednesday, July 6, 2011 | By: Писарко


Почитувани !
Од Виктор:
Јас сум Виктор Ацески од Прилеп, на возраст од 25 год. По професија доктор по општа медицина.
Во годината 2010/2011, кога најмногу требаше да се радувам на животот со сите негови убавини и предизвици, како на приватен, така и на професионален план, јас се разболев од редок тип на карцином: Dg Extragonadalen retroperitonealen teratocarcinom–yolck sak.
Борбата за највредното и најскапоценото нешто – здравјето ја започнав најмногу кога лекарите од Клиниката при медицинскиот факултет во Скопје се откажаа од мојот случај и ме упатија да барам помош во друг клинички центар.
Во најтешките моменти од мојот живот беа моите родители кои исто така се лекари. Во тешка клиничка слика бев прифатен од лекарите при Националниот Онколошки центар во Софија – Р. Бугарија, каде беа извршени 3 операции, 2 хемотерапии и дополнително цела година примам лек – капсули Sunitinib (Sutent), лек кој е новина во третманот на ваков вид заболување.
Мојата здравствена состојба постојано се подобрува меѓутоа, лекувањето треба да продолжи со континуирано примање на овој лек кој е исклучително скап, т.е. 5500 ЕУР. месечна терапија, а јас треба да примам најмалку уште една година. Досега ме финансираа моите родители во целост.
Се обраќам до Вас со цел доколку сте во можност да донирате средства како би можел непрекинато да го примам овој лек кој за мене е од животно значење.
Ја одбрав за професија најхуманата наука, сепак во овој момент барам помош ОД НАЈХУМАНИТЕ.
ВИКТОР АЦЕСКИ
Доколку се одлучите мојата т-ска е:
300027076506219 – Комерцијална Банка АД Скопје
Прилив од странство
Viktor Aceski, Borka Spirkoski 56 Prilep Macedonia
Acc.no:0230705288904
IBAN:MK07300307052889033
Komercijalna Banka AD Skopje
Kej Dimitar Vlahov, no 4, 1000, Skopje Macedonia
BIC/SWIFT CODE: KOBSMK2XPRB
БРОЈ НА КОЈ МОЖЕТЕ ДА ДОНИРАТЕ: T MOBILE/ 070-143-177
После се што е напишано горе јас само би ве замолила да бидете хумани и да донирате...Фала!





Monday, June 6, 2011 | By: Писарко


 Крајот на светот е секој 2 ден но, дефинитивно крајот на светот во Македонија е после избори. После 24 часовно тупење се е готово...Многу ми е тешко поради тоа. Потешко не можеше да ми биде.
Уживав во комедиите морам да признаам. Партиски фанатици мобилизираат кутри нивари, да полнат редови пред очајни митинг собиранки, со атмосфера како Нова Година само што нема ништо ново. Огномети, полни автобуси, извици во стилот ууу и јееее зошто и друго не смее да се кажe ако не е дел од политичката програма.Тешки зборови во стилот на реформи, слобода, смрт, револуција,интеграција и сите останати кои се користат за да делува сложено. А не делуваат сложено а уште помалку и сериозно зошто со тој речник и тие фаци тешко дека се за политичари. Али затоа совршени се за овчари за да ги водат овците како нас. И добро, заврши се тоа...И СЕГА ШО?
Демек ништо од ветувањата, промените, подобро утре...ништо од тоа?
Епа ништо. Тоа е само дел од шоуто кое ви го пере мозокот ако го пратите без концентрација и без резонирање. Хорор за мозочните келии, убиец на добрите навики, силувач на животните замисли. Јавно убиство со умисла. Од толку што не е вредно, а е совршено за хејтање и јадење она што оди во веце, решив да се самоказнам ако продолжам да трошам зборови. Full stop.

И СЕГА ШО? Без политика, без вреѓање на овој или оној, на ваквите или таквите, без напади без осуди...ќе треба да пишувам за сонцето.

Некако ќе премолчам за палмите, кај гемиџиите, кај дрво-човек, кај гушнатите, кај Гоце и Даме, кај Чето( грешка Ченто не беше таму, извинете премногу ги има и се бунам кој кај беше) ама никако не можам да премолчам за водоскокот во Вардар. Последната работа која сакам да ми се случи е да ме испрска таа света вода. Убава замисла...фонтана во стилот на Барселона со природна крекачка музика. Само не сакам тие капки да ми завршат во око. Богами да те попрска Вардар во фаца и не е најпаметна работа. Палец горе за замислата, глава под чадор на поминување. Што си е сигурно сигурно си е...иако  и палмите не знам како се заглавени, знаете во Скопје ништо не е сигурно после земјотресот. Морам да не пофалам сепак. Водно никогаш до сега не било вака посетено. Се качуваме до крстот за рекордно време од 6 минути, и за 20минути до средно ако не те фати црвено на Водњанска. И тоа е за пофалба ако се земе  во предвид дека најголема активност за викнед на скопјани е пиење кафе во време од 3 саати. И секако без негативен коментар и константно хејтање на се живо и напревено и жичарава не чинела. Па кај се видело во гондола да не може колата да си ја ставиш? Кај го има тоа?!? Па никаде, само кај нас! На тој размер од прошетани граѓани они мислеа ќе им подвалат жичара која кочи по 35 секунди? Епа нема, се откракавме и ние од кога имаме google. 
А разликата меѓу хејтерот и критичарот е што хејтерот константно хејта а критичарот константно критикува( превод нема зошто не треба ни да го има). А нашиов народ е константен хејтер зошто не знае да критикува a уште помалку да ја користи. Затоа hater for life!
И СЕГА ШО,такви сме си. Секоја чест на исклучоците кои се ретки како добар охриѓанец. Три пати ура за нив!
И сега стварно ШО? Не ми се хејта зошто има премногу работи за хејтање кои се страшно досадни и не се променуваат со години, да критикувам па тоа уште помалце кога сум вака  летно опуштена.
И сега нема шо зошто се би било нелогично после "логичните" правила во ова општество. Исто како што пензионерите ги напаѓаат автобусите (во вторник и петок а невработените и студентите немаат ни гратис саат) така и јас го напаѓам ова перење мозок. И во протест на тоа идам на одмор!

Го пишав текстов као шо нашите големи мислители зборат кај стигнат, и за некое чудно морам да им признаам боље им иде од мене!
И сега шо ако им иде, баш ме брига искрено...Го кажав она што сакав и сега мирно можам да заминам.
Останете така до следниот крај на светот само се надевам нема да биде наскоро, многу ќе ни се фати.



Friday, May 13, 2011 | By: Писарко


Нештата во Македонија толку тешко се менуваат што берзата стагнира со години, на телевизиите сеуште одат истите реклами со мал прекин поради филм, фаци се сеуште ликовите како Џаро, и секако најголем настан е што ако не ИЗБОРИТЕ. Толку е актуелно што 3 години пред нив упорно се алудира дека ќе дојде денотот а кога ќе помине исто како и да не бил се до денот на новите избори. 
Наводно нешто се избира. По, дефиниција тоа би значело дека нешто избирате за да промените, а тоа кај нас значи од две зла го бирате подоброто. За да биде иронијата поголема баш се две. Ако подразмислам подобро боите и не ни се јака страна. Ние се обоивме одамна и поради тоа не може да го видиме виножитото.

Се купуваат дури и пејачи како да сте на Партиски идол, само што сите едногласно пеат една иста песна и нема гласање од публиката зошто очигледно сите се за вас. А знаете каков канаринец ќе платите така ќе ви пее, само не е до музиката туку до имиџот. Тоа и не толку страшно ако се земе во предвид дека кој пее зло не мисли. Кога ќе дојде време за избори е време за промени и тоа нагли ко Јапонија. За два дена да не знаете што ве снашло. Се будиш, гледаш ти ја раскопале улицата, се будиш и гледаш дека има фонтана, се будиш и сфаќаш дека ја нема улицата и ни ф од фонтаната зошто очигледно некој изгубил. Се разочаруваш за момент ама се надеваш на следните  ако не добиеш нови барем да ги вратат истите. За време на овие прекрасни денови сите се во трка за тоа кој што повеќе ќе направи, па заземаат различни места од градот и крајниот резултат е тоа што е. Збунета сум дали Гоце и Даме јавале под палми или Гемиџиите биле на одмор во Палма Де Мајорка?!? Како и да е убаво е да се види дека некој има различен вкус од мојот па сликата одлично ја разбира.
Има и позитивна страна  во изборите. Се будат политичарите и почнуваат на креативен начин да ги трошат своите мисли. На пример како да го осмислат спотот за кампањата, чив валкан веш да го извадат на виделина, кого да нападнат, како да нападнат, како да намамат гласови(дали милум дали силум, и тоа е за размислување секако) со што да замачкаат очи, со кого да се врзат во случај да изгубат. Тоа е напорно, многу е напорно, кутри  луѓе. Не им се погоди и  времето за одење по селава, за копање заедно со селаните, за слушањето на плачењето на бабите за сите оние работи кои реално постојат во Македонијава за кои они наводно работат сите овие години. Пушташ телевизија и го гледаш некој господин облечен во кежуал варијанта шета меѓу народот  наводно сака да покаже колку е тој природен, разбран, културен, дружељубив. И тука паѓаат ветувањата од типот ќе видите што ќе направам за вас нема да ве заборавам...Се гасат камерите доаѓа блиндирана кола и филмот завршува тука. А вие сте селанец од мало село па му верувате на паметот на овој човек. Мора да  е месија што од сите села дошол токму кај вас, и  ајде заокружувате нешто со надеж дека ќе се промени. И дај боже да се промени. Барем дел од ваквите села имаат водовод и струја, не е  секаде во светот 21 век тоа треба да се запамти.
Уште пострашен е фактот на јавната тајна за рекетот по телефон. Ви се јавува пријатен глас на телефон и ви кажува дека вие и вашата фамилја треба да гласате за тие и тие зошто ќе ви се случи тоа и тоа. Ја спуштате слушалката собирате роднините и одите во изборна единица. Просто и едноставно. Животот ви тече нормално и понатаму, сите се среќни и задоволни се до мигот додека не сфатите какво магаре прави некој од вас. Да ви зависи работното место од вашиот глас. И пред избори и по избори чистките се прават, тие работи едноставно така одат. Само што во мала држава тоа се чувствува многу повеќе од друго место.
Ако нешто ме плаши повеќе од панаѓуров е затруеноста на партиските војници. Желбата за вреѓање, напаѓање, шкртање по улици, ме чуди нивниот исперен мозок и недопирањето до нивниот слух освен гласот на лидерот. Идеологијата на која ги начиле ја цитираат и проповедаат без обид да погледнат лево и десно од неа. Може и затоа не ме чуди што најмногубројни посетители на спектакуларните митинг настани  им се магарињата евентуално тракторите.

И тогаш обичниот народ се засити од сите овие нешта, го затруја  преку весниците со различни натписи, го оптеретија преку телевизија, радио, билборди, реклами летачки нелетачки, доставени дома и како уште не.
И тогаш изборот се сведе на НЕгласање или на поништување на ливче.
Нека е со помин!


Saturday, April 23, 2011 | By: Писарко


Добрата работа оваа година е што Велигден се погоди викенд пред 1-ви мај, и уште подобро што се погодија еден после друг. Тоа е таман време за да заборавиме дека сме на факултет, на работа, и да ги споиме празниците со летниот одмор. А како и да не заборавиме кога имаме празници за сите суптилни нешта, како празник на кокичето, празник на дрвото, дури понекогаш празник е и понеделник, како ден со кој почнува неделата.

Ако ги оставиме на страна верувањата и мислењата за религијата има нешто што се случува последниве години и мене не ми е јасно. Не знам дали е нешто или нешта, ама е очигледно и кулминира.
Велигден се претвори во панаѓур, исто како што стана сите масовни собирања. Добија облик на разуздана дива орда и не знам дали планира да се промени. Индијанците го заменија местото на луѓето за кои нештата имаат некакво значење и знаат зошто се некаде.
Конкретно за Велигден, единствената разлика со панаѓур е што не се врти Лесковачки роштиљ пред Соборна. Уште тоа ни остана како разлика. Вечерта пред големиот христинјански празник наликува на се само не на вечер каде што наводните верниците го прославуваат воскреснувањето. Одамна мирисот на запален темјан е заменет со мирис на пиво, вино и одамна почитувањето кон обредите кои се изведуваат се заменети со диско перфоманси. Булеварот пред црквата наликува на голем подиум со широк спектар на шанк можности. Совршена можност да се разбие градската монотонија, само на погрешно место во погрешно време. Мене не ми е ни јасно зошто имаат фетиш да маваат со јајца. Може ми е јасно ако се види можноста да се биде на малите екрани, во живо во ударно време-breaking news.
Луѓето кои веруваат а пред се ја почитуваат својата религија, се откажаа од одењето пред Соборниот храм од оправдани причини и им го препуштија панаѓурот на луѓето кои чекаат повод за да урлаат. Традицијата и обичајот кој се пренесува за начинот како се празнуваат овие денови е изгубен во неколку саати и ја руши големата слика. Помалите цркви кои не се извикани го држат сеуште тој дух и ќе биде така се додека дивата орда не се пренасочи во тој правец. Не сум верски фанатик, поборник сум за рушење на ропството од сопствените мисли но, има нешто што страшно ме иритира во нашето општество а тоа е исмејувањето на се и секого. Тоа ми е примерот со постењето, со протнувањето под маса за кое и таму се оди преку ред ако врска ти е попот. Пример за тоа ми се новогодишните пијанства за Велигден и исмејувањето на луѓето кои се молат во црква. Ако некој не разбира што е постење и зошто се пости или што значи одење во црква, подобро да остане на страна од тоа да прави нешто само поради тоа што сите го прават. Многу е едноставно веруваш или не веруваш, сакаш или не сакаш.

Никој на никого не може да му наметне да верува или да не верува во нешто. На крајот, и црквата е политилизирана инстируција која работела и работи на принцип на пари. Ако некој реши да се поклонува пред крст, икона, џамија, буда и што не, тоа  е негова лична работа. Како ќе верува и што ке прави за да го покаже своето верување и исто негова работа. Она што не разбирам е непочитувањето на изборот и наметнување на некое општо конзерва сфаќање. Ние не сме апостоли да шириме нова религија но сме нови кои шират лоша верба. Човекот мора да верува во нешто, ако нема во што тогаш ќе го измисли. Духот го држи верувањето без разлика што е тоа. Човек кој не верува во ништо едноставно внатре е промаја.

Среќни Велигденски празници им посакувам на сите христијани!

шифра-Мимоза и Џокси



Monday, April 11, 2011 | By: Писарко


После успешното преживување на декемвриската романтика редно беше да се свирка во пролет. После текстот со напад на Сељаковац и теорија за п****патијата во нашето општество редно беше да напишам нешто кое нема да биде erga omnes. Наводно нешто во помек стил и во обид да останам озбилна.
Ова со свиркањето и пролетта излезе цела симфонија.  И мило ми  е што е така, од проста причина што ниедна рационална мисла не ме водела кон тоа и уште помило ми  е што по не знам кој пат се докажа дека не може да се  контролираат случувањата во нашиот  живот...Проклет Марфи.
А сите патиме по истото. Да може да владееме со ситуацијата, со луѓето, да го планираме текот на нештата во некои временски рокови и настани. Но, понекогаш ако не скоро и секогаш, нешто се случува и се тоа добива друга насока. И токму таа друга насока која ги дрма нашите добро научени лекции за "како треба да биде" а никогаш како би сакалe да биде, е она што прави да се чувствуваме живи. Ние  може не ги памтиме деновите но добро се сеќаваме на одредени моменти. Моменти кои не купиле и луѓе кои направиле да не ги заборавиме. Нешто што го храни секој од нас и дава енергија доволна и за цел живот понекогаш.  Драгите настани ги чуваме спакувани во кутии и ги држиме подалеку од главата, од страв дека може да ги изгубиме. А стравот е најголемата човекова мана. Кога ќе размислам се се базира на него. Глумењето, маските, лагите, опкружувањето со многу луѓе, лутањето од едно кон друго нешто и на крајот празнината со која денес скоро сите легнуваат. Кариерата ни славата не може да се гушнат навечер. Во ова вртоглаво време најтешко е да најдеш некој кој ќе може да те види  позади сите лица. Да можеш да најдеш човек меѓу луѓе.
-I see you што би рекле на Аватар.

И кога ќе ве видат или уште подобро кога ќе се видите, проклето посакувате да имате копче пауза и да остане така. Ама не останува. Тие мора да се носат низ секојдневието да се менуваат, надградуваат, или исчезнат. А кога ќе треба такво нешто да го сместите во нормалното функционирање сфаќате дека луѓето не разбираат а вие уште помалку сакате да им кажете. Се обидувате да најдете зборови ама останувате без нив при секој обид да дадете дефиниција за нешто што не се ограничува. И кога сте нашле нешто што сте барале, сте виделе нешто што сте сакале да видите тогаш по некое непишано правило ве фаќа страв ама од сами себе. Страв ви е од причина што ни сами не се знаете доволно за да може да ве запознае друг. Повеќе се плашите од своите зборови од зборовите на другите, зошто не знаете дали ќе останете доследни на нив. И кога веќе нештата се тука оставете ги да бидат. Без конторла и без планирање. Кога веќе се случуваат сигурно имаат причина.

И што би рекла уште за крај. Би рекла дека умешност е да го видиш човекот позади маската. Зошто реално никој не е толку јак колку што изгледа. Денес кога сите се јаки јебо типови, happy single девојки со луди проводи во стилот на песната "Мешај мала" и што ти знам таму, другарства кои траат до мигот додека не станеш од масата, време е да се измерат нештата до каде водат. Односно кој што бара и по која цена. Која е цената која ја става на своето време и што е она што го исполнува внатре. За надвор ги има многу...
На овој град му фали креативност и му фали откривање, ама не на газиња тоа се изнагледавме. Страшно е досадно во диско да ти поминува некој напред назад во стил како да очекува дека ќе го прашаш каде оди, а во женска верзија  е уште полоша ситуацијата, те гази со штикла и како  капак на се  да глуми ладна или евентуално да те фати промаја од трепкање. Може не е Скопје Холивуд ама за оскари сме супер.

П.С- Текстов не е за глумците(барем не до следна прилика)
Мојот оскар го доделувам за други нешта.... (watch the bigger picture)





Tuesday, March 15, 2011 | By: Писарко


Типичен скопски сељак е  многу напнат на прашањево. Синдромот на патење на велемајсторите од скопскиот асфалт е содржан во зборот провинција. Слично на сифилис, болест која слатко се добива и трагично завршува, типичниот скопски сељак ја шири пропагандата за неговата плава крв. Опкружен со голи девојки и дијалекти како обидинетото кралство на Бенетон, спремен е да доплати за скопски акцент. И кога веќе е очигледно дека некој плаќа, чисто колку да прашам, каде им е фраеризмот на овие момчиња кои наводно ги избегнуваат локалните забави? Го нема. Изумре заедно со ерата на Ник Слотер и неуспешниот абортус на кошулите на Гоце Арнаудов. Тоа е исто како изумирањето на дамите од минатиот век и реинкарнација во дами на тротоарот или дами кешоловци или дами после забава сеедно. Најстарата и најлесната професија  е токму тоа. Најлесно е да ја прошеташ својата задна ложа гола или полугола за некоја цена, а цената да ја облечеш тешко дека ќе ја исплатиш. А искрено, добри увозни парчиња се изгубија под сјајот на диско топките во прегратките на наводните функционери. Но, што е тука е. Дипломата на мама на темава и ја обезбедила школата вредна милион долари.

Последниве години имаме држава и главен град...толку.Од толку што го форсираме Скопје ги збунивме и грците. Сиротите се испобунија и  мислат дека Македонија е еднаква на Скопје. Во знак на поддршка на нашата тенденција да бидеме сите Скопје, не нарекоа Скопјанос и едноставно нема лутиш.
 Ние сме толку заостанати што за во Охрид мислиме дека ни треба виза. Може не ни треба виза ама лажица ќе заврши работа. Ние не може да ги прифатиме луѓето тука, а не па во Европа. Да бе, јас да бидам под исто  државјанство со некој провинцијалец од Минхен, не дај боже Милано или евентуално Кан. Ама некако не звучи исто. Епа не звучи, зошто и Скопје не е метроплола а и Вардар не е море.
Многу е битно кога ќе ви го прават муабетот во чаршија да кажат-во Скопје седи. А Селјаковац е она место блиску Скопје кое има предиспозиции да биде дел од градот. Со овој тренд за некоја година Скопје ќе биде до Велес. Тоа е тој сељак во секој од нас. Напатени за што ќе кажат луѓето.
И шират муабети дека биле ограничени. Па да де, не се широкоградни како Скопјаниве  за кои провинција е се што не е Центар.
И се  е тоа нормално. Помали места, па ви го знаат фамилијарното стебло 6 колена назад со посебна биографија за секој од нив, плус со примеси на корзо муабет. Ако не ја знаете приказната за вашите слободно прашајте. Ќе ви кажат и што било и што не било со акцент на не било. А како да не е така, кога комшијата е повеќе кај тебе во двор од неговиот. Ако не ти седи дома, тогаш сигурно те гледа низ прозор.
-All eyes on you комши!
Затоа во Скопје си изградивме згради, па процесот на евиденција го тргнавме од улиците и културно го изведуваме пред врата. Ако те интересира нешто, само постои пред бројот на врата која те интересира и тоа е тоа. Чиста работа бон-тон манири.
Aко сме кај јазикот кој на каков дијалект зборува, јас имам да кажам дека општа неписменост владее кај нас. ОД СЕКАД, ПОШО ЈАС СУМ ОД СКОПЈЕ, ПЕЕР НЕ МОЖАМ А ДА НЕ ВИКАМ ТИ ИБАМ И СЛИЧНО. На ништо не личи нашево зборување.Нема смисла да не се зборува македонски. Недоразбирање е страшна работа која може трагично да заврши. Така на пример.улапаме вујковец”(што во превод значи ме касна комарец)може да предизвика страшни заблуди. Тоа е исто со српскиот феномен во Македонија. Тука се по 20 години и за некое чудо сеуште не зборуваат македонски,си го тераат своето. Упорни причаат ли причаат мислат универзален им е јазикот. А може  нас да не трујат со нивната  Гранд музика. Уште пострашни се македонските несудени срби кои наводно се од Србија со нагласок на Белград.
Дома кој на каков јазик ќе зборува тоа  е негово,исто како  ќе зборува кога ќе излезе. Ама на јавни места во смисла на факултет е не можам да барам превод. На ништо не личи професори  да зборуваат на дијалект. Официјален јазик е македонскиот литературен и тука нема пошо,зошо, пеер, куде, ебаго, кабадаја,френки,матуфа,љуткава и слично.

 Смислата на зборот провинција и митот  што кружи со него го создадоа истите сељаци како и овие што го употребуваат. Ги праќаат на 9 месечен одмор во Скопје и нормално е да се однесуваат како индијанци. Знаете како иде пакетот. Стан, кола, приватен факултет, афтери мафтери чуда и врагови. Па, кога ќе се обединат со истомислениците од тука...ооо па каква е таа драма. Избрусени светат како дијаманти во бижутерија. Оној непребол стил на наводна бизнис деловност, празен поглед и благотелешка насмевка. Да ве завее патот до местата кои се погодни после 4 до времето таман за тазе бурек има да видите луѓе на кои не сте се надевале. Е тогаш нема да слушнете што правиш, уште помалку па кај си, зошто очигледно дека ќе се срамат да се поздрават.Тоа се истите луѓе што последен пат сте ги виделе во читална и ви проповедале за економската криза, глобалното затоплување и нуклеарна физика. По некоја случајност истите тие принципиелни типови во тие вечери држат за рака се што некогаш наводно пред вас плукнале. Во уличната психологија овој комплекс е познат под терминот п****патија. Правилото е едноставно- сељакот е секогаш погласен од човекот и проклет да е.

Не измисливме ние топла вода за миграцијата и зошто се случува. Секој сака да напредува и сака да успее во животот. Разликата помеѓу човекот и сељакот е тоа што сељакот има вишок на форма и недостаток на содржина. Содржината не е еднаква на местото од каде потекнуваш колку што е битно како си скован. Може да има статус на принц а да е тежок сељак и ограничена глуперда. Манирите се учат но не се учи големината на човекот. Тоа е нешто кое го имаш или едноставно го немаш.

Во ова вртоглаво време најтешко е да најдеш граѓанин во град и селанец во село.




Sunday, March 6, 2011 | By: Писарко


Текстов би го започнала со две реченици.
Прости им,твојата големина не е во нивната ситна душаи Твојата слобода е во твоето простување”.

Луѓето обично прашуваат зошто на некого да му простат? А јас имам да прашам како да се прости?
Одговорот на тоа зошто некому да му  простиме, е многу поедноставен од тоа како да го направиме  истото.
Простуваме од причина зошто сакаме да ги оставиме тие луѓе зад нас, од причина што си простуваме на себе за она што сме го направиле, зошто во тој момент тогаш тоа било единственото што сме го знаеле и умелее. 
Простуваме зошто сакаме да вратиме некого во нашиот живот, простуваме зошто сакаме да се ослободиме од гневот, бесот и желбата за одмазда кои одат заедно. Простуваме но не и забораваме. А и не треба да забораваме. Не треба да заборавите некогаш некој што бил способен да направи, тие работи се невозможни да се заборават.
Ако се горчливи да ги голтнете тогаш тоа е доволно за да плукнете на се што оди со нив. Заборавањето значи бришење на ликовите и настаните како никогаш и да не се случиле. Тоа во превод би значело да ги избришете своето постоење.  Треба да се сака своето искуство исто како што ја сакаме својата иднина. Поедноставно е да го прифатиш она што ти се случило и да продолжиш напред. Јас имам да прашам како?!
Како да им простиме на оние кои не повредиле, разочарале, или како тие да ни простат на нас. Одмаздата го полни егото но не и празнината ниту пак менува нешто во она што се случило. Помага само во оној момент кога враќате на луѓе кои тоа го заслужиле. Чисто колку да ги потсетите дека вие не сте тука поради нив, ниту пак дека тие се најдобри, посебни, и дека вие и без нив живеете. Едноставно да им го разбиете од глава она што наокулу го прават. Тоа нема да смени ништо во однос на она што ви направиле  но, ќе направи истата таа личност да се размисли  за следниот пат.
И да не вратиме, животот ги враќа работите и ги реди совршено, само малку посурово за оние кои некаде си го заборавиле осетот. Она што го правиме е она што ни се враќа, она што го даваме е она што ни го даваат. Ако некој нема трпение да чека да го види овој момент тогаш слободно нека го направи она што мисли дека ќе му помогне да се ослободи од негативната енергија...Но, најдобрата одмазда е правилно да живеете.
Нема побезначајни работи од преболените-Даниел Краљевски.

Кога со истите тие луѓе по неколку години ќе се сретнете, вашиот пребол ќе биде нивната казна, а тогаш ставете насмевка   и продолжете по улицата. До моментот додека не го пуштите она што ве повредило, тапкате во место. А тоа е многу полошо од она што некој друг ви го направил. Ако тие луѓе не се вредни да бидат со вас, простете им и ослободете се самите од последното нешто што ве врзува за нив.  Простуваме за да може повторно да веруваме во она што ни го уништиле.

Сите грешиме. Помалку или повеќе ги повредуваме луѓето окулу нас. Помалку или повеќе тие ни простуваат. Ни враќаат и ни се одмаздуваат. Дел од нив заминуваат и веќе никогаш не се враќаат.
И тука лежи целата поента ако можам да ја наречам. Да знаете каде е границата помеѓу она што може да ви го простат и она што никогаш нема да ви биде простено? Кога грешите која е цената по која некогаш би го вратиле истото. Понекогаш успеваме да ја видиме линијата но скоро секогаш ја преминуваме. За секој од нас е различна но важно секој ја има.

И што би рекла после се за простувањето....Ништо.
Тука нема правила и нема формули. Секој знае што е она што му треба и што е она што го прави среќен. До нив доаѓаме на различен начин со различна перцепција. Единствено што треба да запамтиме е дека не секогаш може да се коцкаме со она што го имаме.
Коцкањето е сигурен начин на добивање ништо од нешто”.

Saturday, February 26, 2011 | By: Писарко



За среќа на мојата инспирација се најдов во друштво на 16 годишни девојчиња(не прашувајте како). И така, спремна за дружба и помладување на духот се решив да се вратам во средношколските денови  и провод во лоша копија на My sweet 16. За мое  разочарување единствениот тинејџер бев јас. Фалеше некој да ме потегне за уши и да ме испрати дома на спиење. Од кога добив невиден ушобол од нивните муабети и невиден очобол од нивното однесување и облекување сфатив дека морам да ги ставам во текст ликовите од овој калибар и фино да ги поздравам.


Кога ги спомнав средношколциве да ги спомнам и демек децата од основно. Кога ќе дојдеш на факултет вистинско задоволство  е да одиш да ги оправдаш помалите браќа, сестри. Па така, во придружба на една другарка отидовме во основно кај сестра и. За среќа ме предупреди како стојат работите меѓу новите генерации и дека на 12 години треба да додадам 3 од карти минимум. Прераскажувањето од тридневната екскурзија низ Македонија изледаше вака некако: Епа јас се смував со најдобриот другар на Марко, а Марко е тој бившиот мој. Епа Марко се смува со една моја другарка таа вечер. Мене  овој не ми се свиѓаше и му раскинав, и после се фатив со еден Стефан последната вечер. Се смувавме позади одморалиштето и он ми го откопча прслукот? Молам?!? Да не сте биле на 3месеци таму,зошто ова ми личи на подолга акција.


Од кога ги увезовме американските (ментални) стероиди мислиш дека е мала а  таа осмо одделение.
Во стилот на Серена и Блер, сексот и градот, режираме се што таму презентираат  како рак на модерното живеење. Идоли на нашето време се некои квази јунаци во садо-мазо стил, откачени креации кои немаат никаква врска со уметноста освен со мизеријата, за слава и привлекување внимание. Водечки модни идоли станаа некои полуродови и љубов во стилот на 17,5$ од Буковски.
Во серија каде најдобри другарки зад грб си ги легнуваат дечковците, ги вараат со најдобри другари и каде се смешаа од професор до камерман(напоменувам дека според годините сеуште мирисаат на млеко)уште понормално е дека тоа е нашата реалност. Ако може Серена можам и јас. И се тоа во името на доброто другарство и големата љубов. Благи нагони на повраќање добивам од ситуациите кои реално се снимаат во реприза. Под а)имаме ситуација каде сите знаат што се случува само што никој не отвара уста директно, под б) е кога сите знаат освен оној/онаа на кој му се прави тоа, и ситуација под в)кога сторителот мисли дека другите не знаат а уствари знаат. Ситуацијата под в ми е омилена, просто не можеш да претпоставиш човековата дрскост до каде може да оди. А оди далеку заедно под рака со човековата глупавост.
Ликот во серијата го препишува својот банана морал на тоа дека немала таткова љубов па мора се да легне што е машко. А јас што цел живот сакам куче во стан дали тоа значи дека треба да одам по комшии и да им ги земам кучињата? 
Како и да е, од психолошки аспект и држи вода муабетот, само што во психологијата за оние кои се свесни за своите скриптови а не ги надминуваат постои збор фолирант. Секогаш е полесно да обвиниш некој друг од сам себе. И што научија нашите девојки? Дека ако ти се скрши ноктот целиот живот ти е хаос, дека изгледаш полошо од вчера кога ти беше цел, дека дечкото на твојата другарка е и твој само што она не мора да знае за тоа. Секоја чест за модната ревија која ја промовираат. Да не звучам како предавник на својот  род и момциве не се за фрлање, само што се помалку интересни.

Слободно размислување, слободен избор, слободни одлуки и уште многу други слободни нешта, се повеќе од ограничени и повеќе од површни. Промовираат некоја сексуална револуција која започна минатиот век,а ова денес наликува на враќање  во првобитна заедница. Не е  ни полигамија туку анималија,некој нека пушти на Animal planet да се видиме.  
И така, наводно многу современи а во суштина многу назадни, живееме глумејќи улоги кои не ни доликуваат ниту пак функционираат во реалниот живот. Да беше Скопје Холивуд сите ќе бевме ѕвезди... You know I lie to you;)XOXO