Friday, November 25, 2011 | By: Писарко



 Во нашето општество многу е лесно да го пратиш трендот. Едноставно го нема или кога го има еден е. Излегува преку ноќ, се крева фама и се форсира неколку месеци и после тоа веќе го нема. Оние паметните кои можат да заработат за овој краток период ќе имаат среќа а  другите следниот пат повеќе. Лани кога ја имаше првата  stand up comedy  карти можеше да се купат до последниот ден, оваа година карти немаше уште првиот ден. Од нигде никаде  како кокичиња никнаа комичари. Колку се смешни тоа е  веќе прашање на вкус. Важно е дека почнавме да  урламе од смеење, и додека трае трендов нека се појават што повеќе зошто за некое време народов ќе почне да плука. Али тоа ни е во крвта од крајност во крајност. Кога нема нема, ама кога има со лопати да ги ринеш.

Но, има само едно шоу кое трае до самиот крај, и едно единствено шоу кое никогаш не престанува да ве смее. Шоуто наречено STAND UP LIFE  или шоу од нога. Наречено е така зошто ви се случува додека сте на нозе, и како вие чекорите низ него така и тоа ви ги прикажува своите настапи. Оние кои не чекорат низ него или оние кои стојат во место никогаш не може да го изгледаат. Никогаш не може да замислат што се може да им понуди и што се може да добијат од него. За истите  нив оваа комедија е  досадна трагедија.
За други пак ова е премиера на една  претстава која сакаш  да ја премоташ но никогаш не успева. 
Карактеристично за неа е што закаснето го сфаќаш хуморот. Цел живот плавуши. Некогаш денови, недели, месеци во најлош случај години. Трагедијата се претвара во комедија и почнуваш да се смееш на своите солзи и нервози, своите патења и цмиздрења. Колку пати само моментот кога си мислел дека сијаш со својата убавина за некое време  бил моментот кога си се смеел прашувајќи се што си мислел кога си излегол од дома така?
И тоа е смешно. Тогаш се смееш за претходниот, па за тој момент се смееш во некој  следен и се така. И во тоа е убавината. Секогаш имаш нешто ново кое те смее, нешто кое те учи и нешто на кое вредноста во моментот не можеш да ја процениш вистински се додека не почнеш да трагаш низ следните сцени, оставајќи ги сите тие ликови и настани зад тебе. Убавината е во тоа што одбираш и со кого сакаш да ја следиш претставата. Од сите гледачи одбираш неколку чии приказни се поклопуваат со твојата, оние неколку кои радосно ја делат својата претстава со тебе. И така поминувате одредено време заедно, понекогаш некои од нив ја гледаат пребрзо па одат на следната или пак ја гледаат преспоро па не може да ве пратат. Има и такви кои се уморни  веќе при првиот чин а и вие не сте им доволни за да гледаат заедно со вас. Има и такви кои ги мешаат улогите, еднаш се глумци еднаш се гледачи.  И тука некаде се разделуваат патиштата.


Паузата е дел од претставата како и во секоја друга. Се случува со цел да се одморат глумците и да може да се спремат за она што следи. Така и во животот на секој човек доаѓа период каде треба да се направи пауза или момент кога останува сам. Обично тоа се ситуации кои даваат еден друг тек на настаните и каде светлата се гасат и завесата се спушта, се додека не сме спремни да ја гледаме следната со ново внимание и будност. Многу е важно во животот да го погодиш времето кога  ќе ја  направиш паузата. Прерано или прекасно ја губи смислата. Затоа времето е клучен момент. Единственото нешто кое го добиваш за себе а го расфрлаш по други.


Секој чин е своја приказна и секој лик има своја улога. И така од трагедија до комедија те делат години се до моментот додека не ја претвориш приказната во цртан филм. Се до моментот кога  како лего коцки ќе се поклопат  сликите кои се случиле за да те донесат таму од каде што ги гледаш. И тогаш ќе се насмееш за се што било. И за она што поминало и за она што си мислел ќе дојде. Многу од глумците нема да играат никаква улога и многу од публиката  одамна ќе биде замината. Оние кои ќе останат до тебе се оние кои  ja даваат смисла на целата претстава. Земете ги за рака и однесете ги дома.


Лошата  работа е во тоа што премиера се гледа само еднаш. Додека ја сфатиш поентата што сака да ти ја пренесе веќе поминала.



Saturday, September 17, 2011 | By: Писарко


Во овие еуфорични две недели последната работа која сакав да ја направам е тоа да посветам текст за перачите на мозок наречени интелектуалци со начитани фасади и употреба на тешки зборови.
Не се трудам да ги преведувам нивните комплицирани реченици од проста причина што суштината на кажаното скоро никогаш не кореспондира(ете и јас имам такви зборови) со реалната ситуација.
За 20години во Македонија никогаш не ми се случило да одам по улица и да слушам луѓе како пеат македонски песни, да гледам луѓе со знамиња, мали деца да викаат МА-КЕ-ДО-НИ-ЈА со едвај наученото зборување. Не ми се случило да осетам дека владее една иста енергија во оваа држава. Дали  нас ни  се разви чувството за национална припадност? Дали некој памти некогаш да видел повеќе МАКЕДОНЦИ ВО МАКЕДОНИЈА? Јас не. Дали некогаш некој читал повеќе пофални критики од сега? Јас не.
Ако последниот текст беше за злобните коментари на одредени соседи и необјективни новинари(како и дел од нашите) кошаркарите помогнаа да им се затворат устите и да докажат дека овој народ има вредност.
Станаа сами по себе излишни коментарите кои ги ругаа нивните победи. Браво за синовите кои ја кренаа Европа на нозе! После оваа фама и еуфорија верувам дека повеќе нема да биде потребно да се објаснува која е таа држава Македонија. Верувам дека и спортот нема да биде ист како пред ова. Можеби е премногу оптимистично но барем за кариерата на овие 12 луѓе гарантирам дека веќе никогаш нема да  биде иста. И заслужија.
Тоа што ни го приредија овие неколку магионичари со Литванија ме остава без зборови. Ја тепавме Литванија на домашен терен пред 14 000 публика! Трикратниот европски првак и фаворит за злато. Таа радост и гордост која ни ја поклонија заслужува многу повеќе од парите(кои за другите држави се смешни) кои им се даваат. Заслужуваат да добијат пречек како што доликува и се надевам дека ние нема да ги разочараме.

Злобните усти не се затворија ни тогаш. Одеднаш сите се експерти за кошарка и кошаркарски правила. А сигурна сум дека никој од тие коментатори нема ни еднаш истрчано на терен ниту има срце да игра.
Нашата македонска репрезентација има смешна сума пари на располагање. Но тоа е нашата реалност и можност. Спортот заспа на сметка на политиката. И истите тие платени политички гниди се обидуваат да го исцрнат името на луѓето кои играат од желба и мотив да победат за овој народ. Не ми се веруваше дека постои таков набилдан  кадаркој се фати за парите кои им се дадени, како знак на внимание и благодарност. Треба да ви биде срам, зошто мене ми падна за вас!
Македонија никогаш не била по весниците ширум светот во престижни пофални колумни. И се е тоа за пофалба и гордост. И славењето треба да продолжи и целата радост, еуфорија. Хејтерите нека ги замолчат своите усти, зошто она што го ломотат нема тежина во споредба со она што ни го дадоа репрезентативците. И за Бога милога што би рекла другарка ми престанете да мешате политика во овие настани...едноставно оставете го народот да ужива во своите 5минути и така за некој ден се ова ќе престане и ќе ни ги полните главите со истите глупости.
Кога и во Грција се најде човек јавно да објави позитивен став кон нашата држава( Танасис Аспруљас:
Извинете, но во националната жалост за еден спортски подвиг немам намера да учествувам. Кога говорат потта, несебичноста, храброста и машкоста, нема место за политика. Антипатичен не ми е никој од 12-те момчиња, кои секоја вечер гинат за да направат уште еден нов подвиг“ ). Па, по што сте вие толку посебни за да може да судите  дека овој народ е паднат во делириум и не знае какви навивачки песни пее?
Што не се најдовте толку паметни па пред да се пее Излези момченасекаде, не најдовте време  да ја анализирате тематиката на песната, туку сега почнавте со некоја смешна пропаганда која сакате некој да ја прифати. Јас разбирам што сакате да кажете, дека редно е да  се откажеме од претензиите кон Солунското поле и старите ставови но во погрешно време и начин се обидувате да ве разберат. Ако толку ги цените вашите познавања тогаш јас да ви кажам дека немате никакво познавање од пулсот на улицата, и едноставно не можете да најдете зборови за она што на некој начин добронамерно сакате да го кажете. Дали била шовинистичка и неонацистичка еве на пример јас лично не се вреѓам што не вика:излези момче и девојче, смотано ми звучи. А искрено не ја ни сметам за неонацистичка  Гоцевата раса...јебига тоа ни е историја. Тој што ја пишувал Бог знае кога на тоа се сетил. Али текнувалава почнаа сега да коментираат од кога цела Европа не препознава по неа(не плукајте за да не се сети и некој друг паметен од страна па тек тогаш да биде големата). И не ми е гајле да ви кажам, кога знам какви се други позитивни работи има за коментирање. Ај за оваа песна можам и да разберам ама за  Едно име имаме “  не можам да разберам како на некој може да му смета. Ние стварно имаме едно име и не планирам компромис за него.
Изгледа никој не очекувал ова да ни се случува па некако слаби сме на тоа поле  со мотивирачки, навивачки песни со нови широки хоризонти(леле,само како тоа звучи). Еве овие текнувала наместо да се обидуваат да изгледаат на суштества кои размислуваат можеле едноставно да најдат друг начин да објаснат што сакаат да кажат и да речат:Поради ова и ова народе македонски не ја пејте повеќе оваа песна и за замена ви ја нудиме оваа”  толку. Ама не е толку зошто не знаат просто а Бога ми сложеното им е попросто.
Морав да напишам ваков текст во овие убави денови чисто колку да покажам дека не сме толку прости ако ги занемаруваме небитните работи за кои некои ги ставија во прв план. Слободно можат со истото да продолжат само од кога ќе прославиме убаво и ќе се изнапееме. Новата навивачка песна ќе излезе оваа сезона заедно со новата историја.
 И за крај неизбежно ми е да ја спомнам утакмицата со Шпанија. Македонија ја водеше Шпанија на полувреме!?! Покажaваме што значи игра со срце и мотив. Ако нашите момци се држеа така со големите НБА играчи и изгледаа еднакви тогаш слободно можам да кажам дека сме шампиони. Од никакви очекувања дојдовме тука каде што сме. Наваро се препоти за да не победат. Гасол искрено и не беше тоа што очекував ако се земе во предвид дека они играат со 12 големи играчи а ние реално играме со 6-7. Шпанија беше среќна што ја победи Македонија и тоа е знак колку далеку стигнавме. Конечно сме меѓу најдобрите...
 Браво за нашите херои кои испишаа нова историја!
Браво за вербата, желбата и мотивот и тогаш кога многу од нас не веруваа во нив!
Браво за истрајноста и фала за ова што ни го приредија!










Saturday, September 10, 2011 | By: Писарко


Чудни работи се случуваат во државата Македонија овие денови.
Она што не можеше да ни го даде политиката спортот успеа да го направи.
Имав чувство дека патриотизмот е заборавено нешто кај нас, имав чувство дека повеќето се срамиме да истакнеме знак на нашата национална припадност. Деновиве гледам многу Mакедонци во Македонија. Горди Mакедонци и верни поддржувачи на оваа земја. Ретко како никогаш, постои борбен и бодречки дух кај овој народ. Кошаркарите ни донесоа победи за кои со години сме биле потценувани и деградирани од страна на противниците. Ако некој не верува во мотивација и желба за успех треба да ги погледне овие играчи кои со срце играат за нашата држава.
После победата над јужниот сосед на нас не ни требаат преговори, издвоивме победа над земја која го негира нашето постоење. Браво за нашите дипломати во дрес!
После овие неочекувани успеси, на големо и широко се пишува за нас.
Повеќето соседи како по обичај се најдоа да хејтаат. Одеднаш Хрватска на ударни вести оди со директно јавување од Скопје само за да го пренесе наводниот кич. Ако е кич не го губете времето на него. Уживајте во вашиот. Уфирцаното новинарче слободно може да продолжи да се чуди за фонтаната. И ако уште е во недоумница од каде ни се парите од на мајка му ни се!
Наслови за очајната парада, нашите очајни славења, хејтање и критикување на се што овие денови им донесе радост на Mакедонците.
И да ни е кич наш си е, од каде ни се парите за него ич да не ви е гајле како што и ние за вашите внатрешни проблеми не употребуваме ни ред реченица бидејќи сме заглавени во сопствените. Али кој губи има право да се лути. Толку ме напнаа хрватските пренесувања за случувањата во Скопје, чисто имам да прашам па кој ги пушти тие текстови? Ниту еднаш отворено не биле нападнати од нас, ниту ние сме ги прашувале зошто не ги сакаат Србите и за нивниот никогаш повторно соживот, ниту за тоа зошто се караа со Словенците за границата. А они пишуваат ли пишуваат...ама слободно. Репрезентацијата им ги замолче устите...сега се дома.
Како ни беше одбележувањето такво ни беше. За едни лошо, за други добро, за трети непотребно за четврти најдобриот 8ми септемвти што го видела Македонија. Горе доле, се на се и беше добар. Прв ни е. Таков е секогаш... барем од нешто да се почне.
Иако сум критичар по природа и се трудам да ги гледам работите објективно нема да критикувам ништо што се случи вчера, од проста причина што моите забелешки се многу минимални во споредба со среќните лица на многу луѓе тој ден. Дали боите биле шарени и плоштадот бил кич тоа и не е битно кога ќе размислиш дека Македонците се разбудија од сонот кој  го го сонуваа 20години, за тоа кои сме и што сме. Не го направи тоа политиката ниту еден политичар тоа го направија кошаркарите со победите кои донесоа успех за македонската кошарка за прв пат во историјата. Македонија да биде на насловна страница на НБА.Без разлика што ќе се случува на понатамошните натпревари да не заборавиме на сетоа ова.
Мене искрено баш ме брига дали сум античка Македонка или со корен од словенските народи, знам дека сум Македонка на овдешната Македонија. Нека останат заглавени во објаснување на историјата луѓе кои сакаат да живеат во неа.
Јас гледам нова историја за нашиот спорт.
Напред Македонија!









Tuesday, August 16, 2011 | By: Писарко


Пишување од среќа не бива, или јас не знам да ја насочам. Како и да е ми фали македонски збор кој ќе ја опише сликата која сакам да ја доловам. Ама изгледа немаме или пак мене и тоа не ми текнува.
Кога би рекла досадни би била прегруба, да речам смирени би била лингур од тежок калибар. Ми треба некој трет кој би бил некаде помеѓу овие два. Во недостаток на тој збор и ”settled down” би ми завршил работа.
Текстов не е наменет за хејтање на долгите врски ниту пак наменет за да се јачаат single  луѓето за тоа колку се забавни. 
Поентата е во тоа што ретко на кои им успева балансот помеѓу овие работи.
Оние кои се во врска би ви се колнеле како се интересни и забавни, дека ја имаат целата слобода и дека воопшто не се љубоморни. Лажат!
Можеби имале среќа да налетаат на оние малку партнери кои би имале разбирање за урлачките нагони но, и кога имаат одврзани раце тие одбираат да си стават лисици. И тоа е поентата. Дека самите одлучуваме да бидеме досадни(пак не е тој зборот, читај друг).
Фала богу одамна умре времето на турско кога жените одбираа да бидат потчинети. За среќа на потенцијалните султани овој тип на девојки сеуште постои и за уште поголема среќа одвај чекаат да ги снајде тоа. Најстрашна група на девојки е она која во секој дечко го гледа потенцијалниот маж. Страшно е на неколку недели да ве замислува како нејзин сопруг и татко на нејзините деца. Ова е зона  на досада и со црвено прешкртана. Овој тип на девојки се во вечен страв дека не смеат да го изгубат својот дечко. Кога ќе размислиш со нивна глава(а фала богу не можам) тоа и не е само дечко тоа е татко на нивните НЕродени деца. Обично ги имаат имињата на децата, бројката, датумот на свадбата, гостите, поканите и се останато. Мене ми е страшно. Не дека не  посакувам  да ми се случи, туку едноставно не можам да ги планирам битните животни работи тек така. Едноставно сакам тие да се случат за мене, со човек со кој треба да се случат, на место каде треба да бидат, во време кога треба. Проклета романтика ќе ме убие.
Оваа група на луѓе лесно се распознава. Ја гледаш нивната кучешка послушност и нивната очигледна желба за блинг-блинг на нивната рака. Секогаш изгледаат прибрано, и секоја соблечена девојка им е к*рва, никогаш не пијат повеќе од што им е дозволено и ретко се опуштени. Си доаѓаат во прикладно време за комшиите и никогаш не сте слушнале лош муабет(или не сте побарале на вистинско место), и се што знаете е дека сакаат сериозна врска.
Она што мене ме интересира е дали се раѓаме со таков ген или некаков страв од осаменост, или потребата да бидеме сакани ни  наметнува, да бидеме со некој и кога тоа е по секоја цена.
Страшна е и групата на луѓе кои забораваат дека секоја врска е борба ако сакаш да задржиш некој до себе. Дека трудењето не прекинува во мигот кога ќе го добиеш човекот и ќе слушнеш дека те сакаат. Најчеста причина за прекинувањата се токму тие еднолични и затворени работи. Монотони нешта кои во години пресметани би биле ужасни. Девојките најчесто забораваат да ги заведат своите дечковци а тие пак стануваат интересни само за други девојки( да не речам  уште за нив се трудат да покажат дека се забавни). Едните стануваат   средновечни домаќинки кои се однесуваат така само за да добро би се омажиле, а овие вториве бараат Лунакревет секаде само не во својот. Најдобриот совет за една жена како треба да изгледа би бил следниот: госпоѓа на улица, домаќинка во кујна и к*рва во кревет. Кога е кажан од 80годишна жена сфаќаш дека е чиста вистина.

Луѓето во врска се себични. Забораваат скоро на сите, а ви плачат кога ќе останат сами. Најчесто направиле се за својот партнер а не направиле ништо за себе и за луѓето кои ги викаат пријатели.
И тоа е поентата на текстот. Искрено, воопшто и не ме интересираат туѓите љубовни драми и начин на функционирање. Она што сакам да го потенцирам дека не треба никој да заборави кој бил и каде тргнал пред да го запознае човекот со кој е. Нечива патека сигурно се поклопува со нашата. Нечиви соништа и желба сигурно наликуваат како нашите. Тоа не значи себично да се следи само својот нагон туку да се балансираат работите. Успешните и среќни луѓе се оние кои успеале во истото.
Двоен живот, еден со партнерот еден за сите останати ми е една од поглупите работи која ја гледам секој ден кај секој.
Поентата е во тоа да ти биде интересно и забавно секаде со кој и да си. Животот нуди многу за оние кои знаат да го живеат.

                             
                               
                                  
                       

                                   

Wednesday, July 6, 2011 | By: Писарко


Почитувани !
Од Виктор:
Јас сум Виктор Ацески од Прилеп, на возраст од 25 год. По професија доктор по општа медицина.
Во годината 2010/2011, кога најмногу требаше да се радувам на животот со сите негови убавини и предизвици, како на приватен, така и на професионален план, јас се разболев од редок тип на карцином: Dg Extragonadalen retroperitonealen teratocarcinom–yolck sak.
Борбата за највредното и најскапоценото нешто – здравјето ја започнав најмногу кога лекарите од Клиниката при медицинскиот факултет во Скопје се откажаа од мојот случај и ме упатија да барам помош во друг клинички центар.
Во најтешките моменти од мојот живот беа моите родители кои исто така се лекари. Во тешка клиничка слика бев прифатен од лекарите при Националниот Онколошки центар во Софија – Р. Бугарија, каде беа извршени 3 операции, 2 хемотерапии и дополнително цела година примам лек – капсули Sunitinib (Sutent), лек кој е новина во третманот на ваков вид заболување.
Мојата здравствена состојба постојано се подобрува меѓутоа, лекувањето треба да продолжи со континуирано примање на овој лек кој е исклучително скап, т.е. 5500 ЕУР. месечна терапија, а јас треба да примам најмалку уште една година. Досега ме финансираа моите родители во целост.
Се обраќам до Вас со цел доколку сте во можност да донирате средства како би можел непрекинато да го примам овој лек кој за мене е од животно значење.
Ја одбрав за професија најхуманата наука, сепак во овој момент барам помош ОД НАЈХУМАНИТЕ.
ВИКТОР АЦЕСКИ
Доколку се одлучите мојата т-ска е:
300027076506219 – Комерцијална Банка АД Скопје
Прилив од странство
Viktor Aceski, Borka Spirkoski 56 Prilep Macedonia
Acc.no:0230705288904
IBAN:MK07300307052889033
Komercijalna Banka AD Skopje
Kej Dimitar Vlahov, no 4, 1000, Skopje Macedonia
BIC/SWIFT CODE: KOBSMK2XPRB
БРОЈ НА КОЈ МОЖЕТЕ ДА ДОНИРАТЕ: T MOBILE/ 070-143-177
После се што е напишано горе јас само би ве замолила да бидете хумани и да донирате...Фала!