Tuesday, December 7, 2010 | By: Писарко


Пола од муабетите ми личат на зуење, другиот дел на објаснување и само мал дел на разговарање. Оној мал дел со кој разговараме ги нарекуваме свои луѓе, оние пред кои може да кажеме било што и совршено да не разберат. Поздрав до оваа мала лојална група, но сепак поинтересна  е онаа другата. Група со која не можеш да се разбереш на ниеден основ, ни со раце ни со нозе. И на крајот, односно по сите дебати сфаќаш дека повторно го имаш она чувство на недокажано.
Има една добра вест, а тоа е дека мистеријата е решена џабе трудот.
И навистина е така. Сведоци сме на пропаднати врски, прекинати другарства, фирми, бракови и сведоци сме на нивната лоша комуникација. Не поради фактот дека некој не сфаќа( ако е ова налет да се нестори) или поради фактот дека некој  е лош говорник туку луѓето едноставно не зборуваат ист јазик. Едниот зборува едно другиот друго, па се извртува суштината на она што е кажано и на крајот сфаќаш дека е најдобро веќе да не ти се обраќаат.
Покрај универзалниот  говор на телото(секаде во светот кренат, среден прст има исто значење) има уште еден начин а тоа е да им зборувате на нивниот. Нешто слично како политичарите на митинг, им го кажувате она  што сакаат да го слушнат односно она што можат да го слушнат.
Од кога ќе процените дека сакате да биде разбрани, и тие се  вреди за трудот да зборувате на нивниот а не на својот јазик тогаш сигурно она што ќе го кажете ќе ве однесе до она што сакате.
Ако некој ве лаже, излишно е да зборувате со тој човек отворено и искрено. Нему ништо не му значи вашата искреност исто како што и не ја разбира. Ако нешто не разбирате тогаш сигурно ќе го игнорирате и нормално нема да го почитувате. Оние искрените ќе останат со скршена доверба а оние што лажат ќе продолжат така.
Би звучело лошо но, единствено лага од иста мерка може да ги допре и единствено тоа можат да разберат. Ако некој зборува за преварата како неважна, минлива  работа тогаш единствено штета од истиот вид на свој грб може да почувствува. Единствено тогаш би можеле да проценат колку е неважно и дали е минливо. Во секој друг случај, докторат да спремите на тема љубов, верност и доблест ќе биде залудно.
Ако некој молчи, тогаш пробајте и вие да не кажете збор, ако го слушне се она што имате да му кажете на прав пат сте.
Библијата има една мисла-Кога ќе ти мавнат шамар сврти им го другиот образ.
Сврти го за оние кои би го разбрале чинот на твоето вртење, оние кои би го сфатиле твојот потег и оние кои вредат за тоа. Во секој друг слулчај спреми го боксот. Тоа не значи да се одмаздуваш, не е начин на разбирање. Одмаздата е најнискиот чин на жалење. Тоа едноставно значи да им се обратиш на начин на кој би те разбрале зошто на твојот човечки не си бил сфатен.
Луѓето го разбираат само јазикот кој го научиле да го читаат и зборуваат. Среќата е во тоа што има луѓе кои сакаат да се обидат да ве разберат и да ви се обратат по секоја цена колку и да имате препреки. За овие луѓе вреди да се стане полиглот.



0 comments:

Post a Comment