Tuesday, December 14, 2010 | By: Писарко


Кога луѓето барале излез, не можејќи да го најдат го измислиле.
И така се создадоа разни митови, приказни, теории, ликови. На се она што обичниот човечки ум не можеше да најде одговор или пак  немаше време да  го објасни, го нарече со некои тешки имиња и сили на кој тој не може да влијае. Своите желби научи да ги кажува на друг, и некаде по патот секој создаде свој чувар кој ќе го штити и заплашува.

Еден од тие ликови е и смешно памучниот,  забраден старец кој го има на секој агол. Не сум Гринч ниту пак сакам да му ја украдам славата која ја стекнал со времето. Едноставно ме интересираше неговата симболика и она што асоцира.
Од прилика би се движело во границите на тоа ако сме биле добри во годината што изминува ќе ни донесе подарок, или пак дека треба да му пратиме писмо со список на желбите и готово. Тука би била онаа повисока симболика на тоа дека доаѓаат празниците кои треба да се поминат во кругoт на семејството, со најблиските, во духот на добрата атмосфера и сплотеноста. На следното скалило би било она што ние посакуваме и што сакаме  да ни се исполни. Дали знаеме какви бевме во годината што измина, што добивме а што изгубивме. 
Неговата црвена облека прави аларм во мозокот кој ги превртува сликите, прашувајќи се дали тоа воопшто беше ставено на списокот за работи кои посакувам да ми се случат и дали воопшто стигнал да го прочита.

Ако некој некогаш му кажал на своето дете дека Дедо Мраз постои, тогаш е малку тешко да му објасните како го нема поклонот, или зошто нема авион туку топка. Малку е симптоматично да учите некого да верува во своите соништа и верувања ако следната година му кажете дека е доволно голем да се сноси со тоа дека не постои. Дека целата таа прекрасна приказна е измишљотина, вие сте уморни да ја глумите а тоа е доволно големо да измисли свои. И навистина ги измислува. Некој повеќе некој помалку, неминовно сите ги имаме. Разликата е во тоа што како возрасни имаме амбициозни соништа и желбите ни се пресметуваат во пари. Дедо Мраз на некои им е лидерот во партија, па веќе претпоставувате кои се џуџињата. Е сега налет да се нестори некој мора да биде и ирвасот да го влече дебелиот. Да го оставиме овој тешко комплексен процес на измишљотина да се вратиме на празнициве.

Има магија во месецов, навистина има. Целата таа атмосфера и еуфорија која се прави навистина придонесува. Освен фактот што најчесто во зима се започнуваат врските зошто во лето друга е климата, придонесува и за зголемената носталгија и зголемен процент  на потреба да се заљубиме. Кој ќе ја преживее демекeмвриската романтика на пролет ќе си свирка.       До тогаш ќе издишува некаде покрај украсените улици, елки, излози, снегот кој паѓаа под светлата на булеварот, заљубените парови кои се гушкаат на улиците. Се ова поминува кога ќе се симнат сијалиците, ќе се стопи снегот, магијата ќе ја снема и додатоците кои за миг ви биле сервирани ќе се претворат во сеќавање. Тогаш и излозите ќе бидат само излози, улиците улици, веќе и паровите нема да ги гледате како парови. Фактички, без сјај тие веќе нема да ви светат како што ви светеле, зошто не знаете да ги видите без него. Она што сте навикнале да го гледате е измишљотина, глобална или ваша. Фактичка и посакувана. И нема ништо лошо во тоа зошто Кока-Кола и така го почна патувањето и време е сите да се качиме на камионот.
Фино е целото возење, баш е забавно. Со песна, расположени ликови, масовен  придонес за општо дружење. Бареме еден месец во годината да може да мислиме дека живееме во бајка, да измислиме цела приказна и да заборавиме на сите лоши кралеви, вештерки, отровни напитоци и шуми во кои се губиме. Се тоа да го спакуваме и да го оставиме, а ова да го живееме. 
Но, има еден проблем сепак. Верувањата и желбите. Од кога се соочивме дека Дедо Мраз нема удел во нашиот успех и дека црвените гаќи за Нова Година не ни ја носат љубовта пред врата, претпоставувам дека е време секој да биде свој Дедо Мраз. Да ги земе во свои раце работите, односно во својата глава да ги  размисли, посака, и да верува во истите и секако  да тргне да ги земе.
Иако денес е тешко да веруваш, после сите измишљотини со кои си се соочил, можеби е само време ти  да ја направиш својата. Тоа не значи да бидеш мисир(со потсетување за значењето на зборот мисир од текстот малку подоле http://wwwpisarko.blogspot.com/2010/10/blog-post_16.html )
Едноставно значи она што е твоја желба да биде твое патување.
Верувањата се измислени за да не држат во сила и волја да успееме да ги исполниме замислите. Соновите се исполнуваат и прекинуваат, желбите се остваруваат и задоволуваат. Она што останува се луѓето со кои сме патувале и луѓето на кои ќе им ги прераскажуваме патувањата.

 Make a wish!


0 comments:

Post a Comment