Monday, January 3, 2011 | By: Писарко


Бидејќи последниот текст беше последен како и претставата "Певај Брате" еве го веќе и следниот. Иако мислев дека после новогодишната демек еуфорија ќе ме инспирира токму тоа сфатив дека од неа не остана ни траг. Јас сум од оној тип на луѓе критичари што се возможно го ставаат во некаков пишан контекст. За мое изненадување оваа година ништо од ова што се случуваше не ми побуди  апсолутно ништо. А тоа е страшно. Да не изедам јас бурек за гужвата, за истурените пијачки врз мене, за однесувањето како да нема утре, или како да сме на одмор во Скопје е малку  чудно. Дали дека и јас повеќе наликувам на својата критика или поради фактот што на годините не им се интересни овие општествени феномени, единствено што имам да кажам е : Среќна Нова Година на сите, ви посакувам здравје, среќа и љубов па, за другото ќе се снајдеме.

 И кога тоа не беше инспирацијата за текстот беше нешто друго. Налетувам на една статија  на која со огромни букви пишува:
ЛУЃЕТО ШТО ПИШУВААТ СЕ ДЕПРЕСИВНИ.
Единствено што фалеше беше декор од аларм, очи да ти истера. Почнувам да ја читам, и уште на почетокот сфаќам дека ако на американец не му текне таква анкета нема на кој. Луѓево на Мекдоналас спровеле анкета на неколку илјади писатели и дошле до заклучок дека сите тие се во  некаква депресија. Среќа во несреќа е што кој повеќе кој помалку. Не знам дали во нивните резултати има објаснување за тоа што подразбираат под депресија, кој и зошто е депресивен, но за нашиве македонски новинари образолжението е квантна физика. Никогаш го нема или и тоа што го има е трач.
Како недостаток на него почнав со своја анализа. Убедена нека митот за писателите како депресивни, мрачни луѓе со вечна недокажаност и желба да бидат сфатени е само измислен, се обидов тоа со примери да си го потврдам. Пробав да се сетам на сите луѓе што некогаш сум ги запознала кои пишуваат. За секој од нив имам различна слика и претстава. Дел од нив се толку весели да човек се зачуди како такви тешки зборови излегуваат од нив. Другиот дел се константно замислени, во вечна анализа на себе, општеството, и ретко кога можете да ги видите опуштени. Има и друг дел, некоја симбиоза од двете. Оние кои се борат да одржат рамнотежа помеѓу својот секојдневен лик и писателот во себе. А тоа е истата онаа група која пишува најлесно.
Најлесно допираат до читателите и оние кои имаат повеќе пцовки од епитети. Исите оние кои не можете да ги наречете уметници од проста причина што ви звучат како да се слушате сами себе.
Едно морам да признаам, сите поети имаат некоја огромна тежина на хартија. Лошо е што генерализирам иако секогаш има исклучок, но, навистина до сега не сум сретнала лесна песна. Со исклучок на "Касни порасни" и оние од нејзиниот ред.
Ако тргнам од фактот дека и Рацин со крв ги потпишуваше своите,  до песните на светските веле мајстори во нив секогаш едно нешто тежи.
Тоа е платонската љубов, чувството  на отфрленост од другите, вечната недокажаност и некоја константна болка што им провејува низ римите.
Сеуште добро се сеќавам на средбата со еден поет кој ми ги понуди неговите песни да ги прочитам. Му реков дека во песни и не се разбирам и мојата критика нема значење.
Од кога ги прочитав, насмеаниот лик пред мене ми изгледаше сосема поразличен. Неговата тежина на тие неколку строфи ми изгледаше огромна. Не сакав да прашувам за деталите повеќе од јасно беше што го мачи човекот.

И добро ајде, нека бидат депресивни луѓето што пишуваат. Но,јас верувам дека секој може да пишува а тоа би значело дека сите сме константно депресивни. Тргнувајќи од себе, она што ме натерало да пишувам е фактот што не зборувам за она што го чувстувам. Годините и времето го направија своето па го омекнаа делот кој одбиваше да зборува за она што ме мачеше. Како и да е, токму тој дел напиша многу приказни а имагинацијата и креативноста само ја обликуваа.
Верувам дека секој од нас има нешто да каже. Верувам дека секој живот и секој настан, искуство е вредно да остане запишано како доказ дека некогаш воопшто се случило. Спомените умираат со човекот чиви се, но запишани никогаш не можат да умрат. Секој пат кога некој ќе се наврати на нив оживуваат повторно и повторно.
Затоа денес се поголем е бројот на луѓе кои пишуваат свои биографии, книги, колумни. Се поголем е бројот на луѓе кои револтот кон ова раздрмано општество го искажува во пишана форма без разлика како прикажана. Прашањето во врска со пишувањето е сведено на умешноста да го напишете она што  е во вас, во умешноста да го доловите и пред се во љубовта кон своите зборови. А тоа секој го може ако сака да го направи. Секако дека генијалните писатели кои останале запишани во времето имале нешто повеќе, но затоа тие се едни и останале вредни за почит.

Во суштина најдобрите уметнички дела не се напишани од радост. Во најлошите денови секој уметник го прави своето ремек дел. Разочарувањето во своите верувања ги натерало да прогледаат и да ѕирнат во вистината за светот и нашето постоење. И тој еден краток поглед ги напишал најдобрите книги, се нацртале најдобрите слики, се отсвириле најдобрите ноти. И тоа не е депресивност. Тоа е разликата помеѓу уметниците и обичните луѓе. Тие умеат од својата болка да направат ремек дела. Од она што било започнато со лошо на крајот да добие восхит.

А секој во својот живот бил разочаран, го заболело нешто или пак имал нешто неостварено. Секој се почувстувал отфрлено, несфатено или недокажано. Ако некој што го признава тоа е депресивен или премногу сериозен тогаш оној што слуша има поголем проблем.
Умешноста не е да се остане лабав секогаш. Умешноста е да бидеш уметник на својот живот. Да излегуваш од битките во добивка и кога губиш. А тоа они и го прават.
Сакам да верувам дека сум уметник и дека перото на својата судбина е во моите раце. Ако нивната депресија е вредна за вечноста тогаш, јас сум уметник и верувам во чуда!

0 comments:

Post a Comment