Sunday, January 16, 2011 | By: Писарко


Си беше еднаш еден човек кој живееше во еден монденски град. Градот нудеше најразлични можности, шанси и прилики, но човекот за кого е приказнава не правеше ништо. Живееше со некоја филозофија дека ако требало да се случи ќе се случи, ако било пишано ќе дојде самото и сите од тој ред реченици.
Но, не беше од секогаш таков. Еднаш беше лудо заљубен во една девојка. Еднаш навистина чувствуваше и беше жив. Не му беше криво што ја изгуби таа девојка, зошто сакаше да го искуси светот и она што може да го добие. Единствено му беше жал што не ја запозна 10 години подоцна. Сепак, тој живееше со мислата ако требало да биде ќе бидат заедно повторно, знаете судбината го прави своето.
Некогаш имаше и сон. Работеше за тој сон, се надеваше, го замислуваше денот со преполната концертна сала. Веруваше во него и  беше жив.Некогаш имаше цел неговиот живот и тоа  и  даваше смисла на секоја секунда која ја поминуваше тука. Но, тоа беше некогаш. Почна да ги губи залудно своите денови во некои работи кои го одалечија од она што го сака. Секогаш во распоредот му беше од  утре, секогаш од утре почнуваше со промените. А тоа утре како и секое утре никогаш не доаѓаше.
Деновите се претворија во недели, неделите се слеаа во месеци а месеците во години.
Еден ден во правењето ништо го прекина телефонот. Со крајни маки го крена телефонот од што беше зафатен.
Од другата страна на слушалката беше позитивниот глас на неговиот пријател за кој мислеше дека имал таква среќна ѕвезда, и пишано му било да биде успешен, среќен и задоволен. Не го сакаше баш поради тоа. Како и да е, повторно по кој знае кој пат одби да се видат.
-Ај утре може?
Пријателот го слушаше тоа утре толку пати што знаеше дека е лага. Па продолжи да инсистира да се видат дента. Не знам како му успеа да го убеди да дојде на договореното место.(Понекогаш, судбината навистина го прави клучниот пресврт...но само ако и дозволиш).
И така, се сретнаа ни помалку ни повеќе туку на гробишта.
Зачуден од идејата на својот пријател го праша
-Што бараме тука?
-Оди ти само по мене, ќе видиш.
Со секој чекор стануваше се повеќе збунет и зачуден. Не можеше да сфати што бараат тука.
-Да не умрел некој? Го праша подзастанувајќи неколку чекори зад него.
Да не се случило нешто?
Пријателот мирно продолжи да чекори по патеката не обрнувајќи внимание на неговите прашања.
-Само продолжи да одиш ќе ти станае јасно наскоро.
На крајот од патеката имаше еден свежо ископан гроб со неколку цвеќиња и венец на него.
Кога стигнаа до него, пријателот тивко изусти
-Стигнавме. Ја спушти главата и гледаше во гробот.
Остана до него збунет и молчеше одредено време додека пробуваше да си ги разјасни мислите.
-А пријателе, чив е овој гроб?
Пријателот го крена погледот кон него и повторно го спушти.
-Твој е.
Погледот му стана стаклен од она што го слушна, а еден не дефиниран имплус на  емоција му проструи низ телото.
-Па, како мој, јас сум сеуште жив?
-Не пријателе, ти одамна си мртов. Единствено што те дели од овој гроб е да легнеш во него. Од тебе остана уште тоа.
Настапи најболната и најдлабоката тишина.
Стоеа над гробот и пријателот  се сврте кон него и го праша
-Дали судбината е виновна за ова?
-Лесно ти е тебе да ми проповедаш лекции како да се борам и да се менувам, зошто ми го правиш ова?
-Ти не беше со мене да ги видиш моите борби, но јас го гледам твојот погреб затоа сакам да ти помогнам. Никој од нас не е поштеден, сите поминуваме низ истото со таа разлика што одбираш што ќе извлечеш од таа болка. Никој не останал поштеден од загуба, но многу од тоа излегле поголеми.
Кога стоиш над твојот гроб како сега, сеуште ли мислиш дека си направил се  и имаш време да ја чекаш судбината да ти тропне на врата? Сеуште ли мислиш дека ти било пишано да живееш како што живееше и да завршиш вака? Има ли некој  за кој би сакал да живееш барем уште еден ден, нешто да почувстуваш, нешто да искусиш?
Човекот остана нем и не кажа ни збор. Од неговите очи почнаа да течат солзи и клекна на колена пред својот гроб. Со кренати раце над своето лице го испушти најтешкиот крик. Пријателот не кажа ни збор. Го остави така, знаеше дека тоа мора да го помине сам и сам да се дигне. Плачењето се намалуваше и конечно стивна.
Стана од земјата и се исправи до својот пријател гушкајќи го мило како никогаш пред тоа.

-Ајде да си одиме пријателе. Овој човек умре а јас имам живот за живеење.

0 comments:

Post a Comment