Wednesday, January 19, 2011 | By: Писарко


Нов изум на нашето општество е генијалниот прашак за перење мозок. Со својата едноставна формула на користење ви овозможува да заштедите време за сопствено размислување. Фантастично!

Налетувам на една емисија во живо од типот на отворено студио, кое реално толку е затворено што не дај Боже да посакаш да влезеш. Гостуваат некои наши политичари секако од двете страни и еден демек неутрален водител. Водителот го поставува првото прашање и веднаш се почнува со тензија и врева. Не се разбира никој што зборува, само се слушаат зборовите демократија, транзиција, реформи, интеграција. За овие 20 години не разбрав што им значат, зошто во книгите дефиницијата за нив е друга. Водителот со крајни маки ги смирува борците за  слобода на говорот и кажува дека за ова чуствително прашање страните не можат да се спогодат и го поставува следното. Е, на следното беше поинтересно. Почнаа да паѓаат интелектуални навреди од типот фашисти, комуњари, за на крај да завршат со тоа:
-Не разговарам бе со вакви како тебе , јас за тебе сум газоза! 
Водителот и тука изведе мудар заклучок, кажа дека страните немаат доволно аргументи и ќе премине на следното прашање. Следно трик прашање се базира на тоа кога ќе заврши оваа транзиција? Одговор нема, господата кутлурно си даваат предност.
-Повелете вие, па јас.
-Не, не вие прво, ви давам предност.
Тука завршува дебатата и водителот ни посакува пријатна вечер и до следно видување. Пу,пу, скраја да е да следам такви бурни, корисни нешта. Иронијата да биде поголема истиот тип на средби се прераскажани на 10 страни во весник, се гледаат на сите вести во сите термини. Ако само еден ден ги изгледаш сите, мозокот ќе ти се испере на вриење.
Ние си имаме и stand up комедија на Собраниски канал. Толку транспаренти нема ни на утакмица. Уште поинтересно е кога камерата снима цел ден празни столчиња, тогаш се носат најдобрите одлуки.  Корисен е за оние со низок притисок. Презаситени од едноличната македонска маса што ни ја сервираат веќе ни притисок се крева ни бутур. А тоа е и најлошото на што може да го доведете својот народ. Апатија кон политиката, недоверба кон своите претставници и наметнување на став дека треба да живееме со мотото спаси гз, пакувај куферите”.
Перењево мозок не е нов феномен од секогаш бил и ќе биде, но кај нас е на завидно ниво. Кај нас не ти треба многу да се прославиш и бидеш дел од естрадата, политичката елита, шоу бизнисот, дел од нешто со некој.
Вредностите ги немаме но, маските ни се на цена.
Ние сме таков народ, тоа ни е во гените. Ако погледнеме кон историјата срам да те фати. Сите македонски револуционери биле предадени од својот народ, од своите луѓе.
Перење мозок би бил и текстов ако упорно правам пена окулу фактот дека ние сме овци и не водат. Има и луѓе кои вредат, без маски, кои се борат и живеат за многу повеќе од горе споменатото мото. Ги имаме и таквите кои се ретки и се губат некаде во толпата. Со тек на време и тие повлекуваат некој со себе или нив ги претопуваат.

Ако е за подобро утре и во центрифуга би влегла. Ако се успее со тоа перење мозок да се разбуди свест кај луѓето дека времето поминува, ништо не се менува а ние остануваме ораничени клонови би било совршено. Треба да се исчистиме од сите лоши навики кои ги имаме прво кон себе и другите.  Општеството го сочинуваат поединци,ние.

Нешто е труло во државата Македонија(Рециклирачот).


0 comments:

Post a Comment