Wednesday, August 11, 2010 | By: Писарко

Најголема трагедија што може да те снајде во денешно време е да снемаш интернет, од тоа полошо здравје. Ако ти се случи тоа ти се случиле многу работи, ти прекинале многу контакти, си изгубил тек со настаните, сигурно некој ќе те заборави... Секое утро му кажуваш добро утро на него па на пастата, и денот може да започне. Без ова нешто ќе му фали, не знам што е тоа точно но сигурно е потреба.

Пред некое време ми кажаа дека ме немало. Си викам каде сум била што ме немало, каде толку ме барале. Чекале да се појави мое име со зелена точка но, ништо. Кога виделе дека алармантна станува работава почнале да ме бараат во “Казиното” и “Фармата”. И по сите очајни обиди да ме најдат, ми “лепнале” на ѕидот а само што го кречев, прашање дали сум жива? Среќа имав интернет па им пишав ДА и ставив една насмевка и работата се заврши среќно. Врвка беше дали ќе останеме во контакт...
Да прекинам со иронијата и така не води никаде. Можеби ова што го драматизирав го претставив во најнегативна конотација, но не гледам друг начин да го исмеам ова што го живееме.
Немам никаков проблем со напредокот на технологијата, ги олесни нештата толку многу што навистина нас ни останува само добро да ги научиме опциите. И тоа воопшто не е нешто кое треба да се осуди или нападне како проблем. Проблем е кога ќе сфатиш дека не ја помниш насмевката на луѓето со кои си, зошто “smile” на монитор е секаде исто.
Проблем не е ни рекламата и тоа што одржува неизводливи контакти.
Проблем е за оние кои мерката на почитување стана враќањето на нешто напишано од нас. А и тоа покажува нешто да бидам искрена. Проблем стана и достапноста на некои информации. Во исто време можеш да дознаеш кој со кого, каде и зошто биле или не биле заедно. Ако сакаш нешто да “процениш“тогаш сигурно можеш да најдеш некој код во неговиот профил. Сигурно има нешто што го издава, сигурно има нешто што навестува. Барем во еден одреден период сите попуштаат пред емоциите, можеш слободно да видиш како се понесени. Ако си вистинско “дете на 21век” за тебе и не е тешко да веруваш во она што сакаш да го видиш.
Па така, проблем имаат оние кои единствени пријатели кои ги посетуваат се имињата и презимињата кои никогаш не ги сретнале. Ако сликите не го задоволуваат вкусот тогаш нема ни да ги сретнат. Ако пак нешто им падне на око или едноставно ништо не падне, тогаш работата може да ја подобри едно “like”. Навистина можеш да добиеш многу ако имаш трпение да си играш со нештата.
Ако денес критериумот на овие луѓе стана лесно достапен за пошироката јавност тогаш она што го имаат како живот се сведува на нивното логирање. И навистина нивниот социјален живот се сведува на мрежава.
Чудно е и тоа што карактерот на луѓето тука многу се менува или пак некои мани и доблести како стануваат доминантни. Ако можеш да процениш некоја страна од личноста со неколку минути разговор тогаш проблем е што си ја изгубил убавината да се израдуваш или разочараш во живо. Тука сите тие се интересни, среќно забавни ликови, толку досетливи што своите шеги ги поткрепуваат со слики, песни, настани. Без струја... не нудат ништо повеќе од незнам. Оние кукавиците тука се најсилни, оние кои молчеле тука се најгласни. Претпоставувам дека им нуди сила и залажување до одредена мерка во која не сакаат да се соголат себе си. И навистина можеш да се претставиш како сакаш а тоа да нема никаква врска со тебе и твојот приватен живот. Ги изгуби и доби во исто време работите кои некогаш беа вистинска драма. Секако, да не го кривиме фб за личните проблеми на луѓето за нивното задоволство или незадоволство, бидејќи сеуште немам сретнато исполнет човек кој се опседнува со ова што некои го живеат. Сеуште нема таков кој своето време го живее онака како умее и го троши на глупости, или пак битните работи ги сведува на милоста на машината. Но, тука ја коментирам онаа другата популација, тие некако овие денови ми тежат на вратот.
Се немав видено со една другарка подолго време, ја снема. Едноставно прекинав да ја барам по сите ситуации во кои ми се чинеше дека ја приморувам да се гледаме, и едноставно ја пуштив. И баш пред некој ден ми се обрати сама, дека сакала да се видиме, имала толку многу да ми кажува за летово, за што и се случувало во животот, сакала да ме види и слично. И заборавив многу работи, тргнувајќи од фактот што слободно можеше да ме побара на телефон ако толку и дошло до мене, но прифатив со надеж дека можеби навистина нешто сфатила додека ме немало.
И спремна ко пушка со приказни разни, дебати и теми со цел во ниеден момент да не останеме без разговор. Се изгушкавме како да сум се вратила од Америка, а уште не седната почна да ми зборува.
-Леле, леле не знам од каде да почнам!
-Па, почни од некаде и реков.
Очекував да зборува за било што само не за она што следеше.
-Го знаеш оној мојон, епа пази, ја побарал таа и таа тогаш и тогаш и он и пишал и оваа му вратила. И јас таква читам не ми се верува, а вчера и на мене ми пиша, и баш си мислев дека нешто ќе се подобро. А пази, има уште една таа да не ја знаеш се вика така и така... .
Молк. Ја гледам бледо, гледам во шанкот, гледам во чашата. Се мислам дали да си ја удрам на себе или на неа. Да беше пред некое време, слободно ќе се пуштев во дебата со цел да ја разубедам дека нема потреба да се оптеретува со нешто што делумно останува таму. Или пак ќе се налутев што повторно ме замара со нејзините малоумни глупости кои навистина не сакам да ми бидат на видик. Едноставно, издишав и реков дека ќе се среди овој сериозен проблем, ја испив на екс пијачката и си станав. Беше зачудена, и разочарана што јас за прв пат не пристапив со сериозност на разговорот.
Уште не станав од масата а веќе имаше директен статус како лудо се забавуваат од местото кое го напуштив. Да не бев таму можеби ќе поверував... жалам.
А ова и не е ништо секако. Ако може бракови да се разведуваат таму, тогаш ова и навистина не е ништо. Што се однесува до мене, може да продолжат со водење на евиденција, тоа и не ме допира.




 Сепак, на оние кои очи им паднаа од “куцкање”со надеж дека мирно ќе заспијат, видов многу кои излегоа и си ја земаа. Видов и такви кои излегоа и си најдоа wireless.
На крајот на краиштата јас не сум им го дала животот па да им кажувам како да го живеат, ниту пак судија за да им судам. Јас само умеам она што го гледам и чувствувам да го соберам во купче зборови и да го преточам во една мисла. Иронијата е што блогот никогаш не би бил прочитан да не беше профилот, или пак некогаш некаде сосема случајно некој ќе отворел. Вака, и оние кои не сакале, ниту пак се почитувачи на ваквите нешта од чиста “home page” информација би ѕирнале.
Али убаво си кажа оние кои го измислија: Она што може умерено да го дозирате неможе да избега од контрола!

0 comments:

Post a Comment